Само треба да останеш човек, се’ друго ќе дојде на свое!

Не ја префрлајте вината на времето. „Лоши се времињата“- па не може да се биде добар човек. Времето ние го одредуваме, нашите размислувања и нашите одлуки.

Немој да се откажуваш од своите идеали поради неколку погрешни потези или падови, бидејќи никогаш не знаеш каде си можел да стигнеш, ако си останал истраен во својата одлука. Треба да останеш човек и кога сите околу тебе се колнат во човечност, а не ја гледаш никаде на виделина.

Не носи пребрзо суд за луѓето, не знаеш зошто се такви какви што ги гледаш, не знаеш колку страдање потрошиле и на колку нозе се сопнале од лоши луѓе. Гледај го во луѓето, она мало зрно добрина, ма колку и да е мало. Секогаш има можност работите да се изведат на вистинскиот пат и на крајот да биде сосем друг завршеток.

Треба да се остане човек, дури и кога те кине сомнежот и несигурноста и се прашуваш како да се однесуваш кон оние кои те повредиле, како да гледаш на оние кои ти свртиле грб, што е со оние кои се колнеле на верност. Има ли едноставен и лесен одговор, за да се свртиш кон иднината и да заборавиш се’ што било и со мир да го очекуваш и да го живееш секој нов ден?

Раните се тука, што и да направиш, како да гледаш на нив, не може назад, на она пред да се случат. Се’ што можеш е да останеш човек без оглед што ќе кажат за тебе и како ќе те гледаат. Најлошо е кога ќе се продаде образот и душата и очекувањето дека се’ може да биде како порано.

Остани свој без оглед на се’, никогаш не го продавај она во што веруваш и што те води напред. Можеби на почеток таквиот избор ќе боли и ќе сметаш дека криво си одлучил, но подоцна ќе сфатиш дека нема дилема.

Само треба да останеш човек, се друго ќе дојде на свое.




Коментари

[fbcomments]