Се празнува Свети Симеон: Ова никако не го правете денеска за да не ви се разнесе к’сметот од дома

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 1 септември, денот на Преподобен Симеон Столпник. Именден празнуваат: Симо, Симеон, Симонка, Симон, Симона, Симка…

Со празникот Свети Симеон е поврзано есенското засејување, што е проследено со посебни обичаи и верувања, иако тие се различни во разни краишта на Македонија имаат и многу заеднички елементи.

Народното верување уште вели дека на овој ден започнува црковната година и дека по календарот што започнува со овој ден се раководеле светците како Божји луѓе. Се верувало и тоа дека на тој ден Господ на некои умрени што доволно се покајале им ги простувал гревовите.

Се носело семе во црквата да се „очати и благослови“, а потоа дома се мешало со другото жито подготвено за сеење. Исто така се верувало дека на овој ден не се давало заем и не се изнесувало ништо од дома за да не се разнесе касметот, а ако некој барал нешто заем за да не се налути му се велело „семе изнасамо“.

Сите црни предмети од куќата се криеле од пред очи (тава, грне и др.) за да нема гламна житото. Орачот на нива носел дисаѓи со жито, а во житото имало прстен (златен или сребрен), потоа китка босилек, китка од разни други цвеќиња, две гросчиња бело и црно грозје, неварено јајце, чешел за коноп и мало лепче (кравајче). Во семето се измешувале и зрна од „брадата“ од минатата година што дотогаш се чувала во амбарот. На воловите им врзувале бела крпа за да е бело житото. По пристигнувањето на нивата орачот најпрвин изорувал една бразда, потоа низ прстенот пропуштал еден грст семе и го фрлал во нивата.

Чешелот го ставал во нивата за да е густ бериќетот како чешелот, белото грозје го фрлал во нивата за е бело (чисто) житото, а црното го фрлал надвор од нивата за да нема какол и гламна. Босилекот, китката со разни цвеќиња ги ставал во браздата како дар за нивата, а потоа со втората бразда сето тоа го покривал со земја.




Коментари

коментари