Категории

Сентиментално писмо на татко до неговата ќерка

Татко на две деца напиша сентиментален текст наменет за малата ќерка во кој ѝ објаснува колку долго ја сака.

Патрик О`Мајли одлучил да го напише писмото до ќерка си Лола за да допре до други татковци.

177 седмици.
40 месеци.
3 години.

Толку долго те сакам.

Кога се роди, беше бебе. Ако знаев колку многу ќе те засакам, ќе се обидев подобро да го запаметам моментот на твоето раѓање. Траеше долго, ние бевме уморни, а ти не сакаше да излезеш. Паметам дека бев преплашен и можам да се сетам на папочната врвца која наликуваше на гума додека медицинските ножици ја отсекоа со моите растреперени раце.

Камо да знаев колку многу ќе те сакам.
Си отидов дома во виорот на емоциите, но сè уште не бев свесен за реалноста која ја носи тој настан кој го менува животот. Камо да знаев тогаш колку многу ќе ми го зголемиш срцето. Спиев, се будев, ве посетував во болница и го повторував тоа додека не си дојде дома.

Дојде дома, а јас не знаев што да правам. Некои родители инстантно се вљубуваат, а на други им треба време за тој пламен да се распали. Дали е лошо да се каже тоа? Или толку многу се очекува од нас да почувствуваме инстантна поврзаност со нашите деца што општеството нè става во позиција да се чувствуваме како неспособни личности?

Се плашев да имам девојче, не знаев како да се справам со девојчиња. Дали ќе бидам добар родител? Дали ќе имам позитивно влијание на неа? Милион мисли, чувства и емоции ми ја поматуваа визијата. Ме одвлекуваа далеку од ова чудо. Но, ти беше постојано присутна во нив.

Започнаа грижите. Пред „Љубовта“ дојде Стравот.
Дали се храниш правилно? Дали си добро? Дали правилно спиеш? Зошто кожата ти е таква боја? Што е тоа аспиратор за нос? Колку парацетамол треба да ти даваме? Кога последен пат се напи парацетамол? Дали имаш температура? Дали вадиш заби? Зошто повраќаш? Кога ќе престанеш да повраќаш? Ау, тоа изгледа болно, колку крем да ти ставам? Колку долго треба да те држам расповиена? Колку млеко? Колку каки се премногу?

Непреспани ноќи, слушајќи те како кашлаш, киваш, дишеш тешко, со постојана грижа дека нема да се разбудиш. Плач!! Конечно!! Барем знаев дека си жива.

Камо да знаев дека ќе ми викаш ТАТО и ќе ми кажуваш дека ме сакаш.

Се враќам назад и мислам на тие мили спомени. Безбројните смешни лица, неуморните изрази. Непрекинатото плазење со јазикот кое ти беше навика. Твојата прва насмевка. Првото кикотење. Кога те преслекував и ме клоцна во стомакот и за тебе тоа беше најсмешното нешто на светот. Те гледав како удираш со бесрамно непочитување на личната безбедност и безбедноста на мачката. Врескаше од возбуда кога ќе ме видеше.

Кога лицето ќе ти засјаеше… Камо да знаев дека најпрекрасните моменти од мојот живот ќе бидат оние кога ќе ме осветли тој сјај.

Сето тоа се случуваше многу брзо. Една минута лежиш, во следната седиш, па лазиш, потоа одиш, а потоа… зборови.

Меки, будалести звуци склопени заедно во магични, значајни, незаборавни, единствени слогови.

„ТА“

Камо да можев да разберам колку моќ ќе има тој еден слог. Колку тој ќе ме оформи како личност и ќе ме пренамени за нешто поголемо. Камо да знаев дека слушањето на моето име додека трчаш кон мене со широко раширени раце ќе ми ја прочистува душата по напнат или стресен ден.

Го слушам тресокот, куќата одекна, а писокот ми го пресече спиењето. Ме преплави чувство на страв. Истрчавме во твојата соба и те видовме како лежиш со лицето надолу кон подот, беше црвена од врескање. Бев во шок, тоа беше најстрашното искуство до мојата кратка родителска кариера. Како би можел да знам дека тоа е само почетокот. „Не стои така, крени ја!“ – трчав кон тебе. Повраќаш – паниката расте, пискаш – паниката расте, не престануваш да правиш едно од овие две нешта. Паниката расте.

Напнато возење. По 15 минути сме во одделот за брза помош. Твоето врескање и повраќање се претвори во насмевки и игра на подот во докторската соба за преглед. Дали си добро сега?

30 минути подоцна ти си добра. Барем така ни кажа докторот, а докторите знаат сè. Зошто за првпат во животот се сомневав во доктор?

Ми олеснува.
Ти си добро.

Камо да знаев дека еден ден ти ќе ме прашаш мене „Дали си добро тато?“ со таква загриженост што ќе заборавам кој за кого треба да се грижи.

Зборови. Боже. Зборови.

Се сеќавам на периодот кога сите зборови кои ги знаеше можеа да се соберат на парче хартија големо колку четвртина од А4 и потоа ги додававме зборовите кои ги учеше. Што се случи со тоа парче хартија?
Гордост. Паметам дека пред состанокот за проверка на развојот ги запишувавме сите зборови кои ги знаеше и бев изненаден што знаеше толку многу. Кога ни кажаа дека се развиваш одлично и дека се импресионирани од твојот вокабулар, се насмеав до уши.

Камо да знаев дека ти ќе ми ја растопуваш надворешната обвивка и ќе ми го разголуваш срцето.

Стотици зборови, стотици реченици.

„Дали е тоа смешно тато?“
„Не ти зборувам никогаш повеќе.“
„Ти велиш не, јас велам да.“
„Не така, тато.“
„Те сакам тато.“
„Дали ќе играш со мене тато?“
„Тато ми треба помош!!!“
„Толку си будалест тато.“
Боже, обожавам кога сум будалест.

Камо да знаев дека ти ќе ме држиш буден со зборовите и дека нема да можам да спијам додека не го допишам ова. Дека ќе плачам додека го пишувам ова.

Каде отиде моето бебе?
Од каде ја пронајде моќта која ја имаш над мене?
Кога ме направи толку сентиментален?
Кога се допреа нашите души и ја растреперија мојата?

Најстрашното нешто во сето ова е што трепнуваш и сè исчезнува, еден момент се движи кон следниот. Фазите доаѓаат и си одат и кога една фаза ќе помине, не можеш да ја вратиш назад. Ох, колку посакувам да можам да ја замрзнам оваа фаза. Посакувам да можам јасно да ја запаметам секоја фаза. Наскоро овие моменти ќе бидат спомени и неколку фотографии во албумот.

Кога се заљубив во тебе? Во моментот кога за првпат те сретнав. Само што сè уште не го знаев тоа.

107.048.700 секунди.
1.784.145 минути.
29.735 часа.
1.238 дена.
177 седмици.
40 месеци.
3 години.

Толку долго те сакам.

Прегледи:
397
Објавено на:
26.07.2016