Категории

ШТО НЕ МОТИВИРА НА РАБОТА (ПОВЕЌЕ ОД ПАРИ)?

Главната мотивација за работа се парите, но дали тие се единствената мотивација? Дали има нешто што не мотивира повеќе од парите?

„Кога гледаме како луѓето работат, наивната интуиција ни вели дека тие работат како стаорци во лавиринт,“ вели економистот Ден Ариели. „Навистина имаме површни ставови за тоа зошто луѓето работат и како изгледа пазарот на труд.“ Но, кога ќе размислите подобро за начинот на којшто луѓето работат, вели тој, ќе откриете дека има многу повеќе фактори во игра од парите. Ариели обезбедува докази дека сме водени и од значењето на нашата работа, потврдата што ја добиваме од другите, како и од напорот којшто го вложуваме: колку е потешка задачата, толку сме погорди. „Кога зборуваме за работа, вообичаено сметаме дека единствената мотивација е заработката, но кон ова треба да додадеме и многу други работи: значење, креација, предизвици, сопственост, идентитет, гордост, итн,“ вели Ариели. Погледнете ги истражувањата на Ариели подолу, како и некои студии од други истражувачи, и забележете кои се работите кои прават да се чувствувате добро и ве мотивираат да работите.

Кога ги гледате плодовите на вашиот труд сте попродуктивни

Истражување: Ариели побара од учесниците да направат фигури од лего коцки. И во двата случаи, на учесниците им беше наплаќан помал износ за секоја следна изградена фигура: 3 долари за првата, 2.70 за втората, и така натаму. Но, фигурите на првата група беа ставени настрана и не беа расклопени сè до крајот на експериментот, додека фигурите на втората група беа расклопувани веднаш откако беа изградени. „Ова беше бесконечен круг на градење, а потоа уништување пред нивните очи,“ вели Ариели.

Резултати: Првата група направи 11 фигури во просек, а втората само седум пред да се откажат.

Конечниот резултат: Иако не се работеше за нешто од огромно значење, и иако првата група знаеше дека нивните фигури ќе бидат расклопени на крајот на експериментот, гледањето на плодовите на нивниот труд, макар и за кратко, беше доволно за драматично подобрување на перформансот.

Колку вашата работа е помалку ценета, толку повеќе пари сакате да заработите

Истражување: Ариели им даде на учесниците (студенти на Институтот за технологија во Масачусетс) лист хартија исполнет со различни букви, и побара од нив да најдат идентични парови. Секој круг, тој им нудеше помалку пари од претходниот. Луѓето од првата група се потпишуваа на листот и му го даваа на експериментаторот, кој го погледнуваше, велеше „Мхм“, и го ставаше заедно со останатите. Луѓето од втората група не се потпишуваа, и експериментаторот го ставаше нивниот лист во купот листови без да го погледне. Листовите на луѓето од третата група беа веднаш уништувани, исечени на парчиња.

Резултати: Луѓето чии листови беа уништувани побараа двапати повеќе пари отколку оние чијашто работа беше подобро погледната и потврдена од страна на друго лице. Луѓето од втората група, чии листови беа зачувани, но игнорирани, бараа скоро исто пари колку луѓето чиишто листови беа веднаш уништени.

Конечниот резултат: „Игнорирањето на извршената работа е подеднакво лошо колку да го искинете труд на некој пред неговите очи,“ вели Ариели. Добрата вест е дека подигнувањето на мотивацијата не е многу тешко. Лошата вест е дека елиминирањето на мотивацијата е неверојатно лесно, и ако не внимаваме, може да претераме.“

Колку работата е потешка, толку се чувствуваме погорди

Истражување: Во една друга студија, Ариели им даде хартија на почетници кои изработуваат оригами, и инструкции за како да изградат оригами-фигура. Оние коишто го направиле проектот со оригами, како и случајните минувачи, на крај беа прашани колку би платиле за таа фигура. Во вториот случај, Ариели не им дал инструкции на учесниците, што резултирало во потежок процес – и погрд производ.

Резултати: Во првиот експеримент, изработувачите на оригами платиле петпати повеќе отколку оние што го процениле производот. Во вториот експеримент, недостатокот од инструкции ја нагласи разликата: изработувачите ги ценеле грдите, но тешки за изградба, производи дури повеќе од поедноставните, поубавите оригами, додека набљудувачите ги ценеле помалку.

Конечниот резултат: Вреднувањето на вашата работа е директно поврзано со трудот којшто сте го вложиле (плус, честопати грешите кога мислите дека луѓето ќе ја дадат истата вредност за вашата работа како и вие самите).

Кога знаеме дека нашата работа им помага на другите, ја зголемуваме нашата несвесна мотивација

Истражување: Психологот Адам Грант ја предводеше студијата на Универзитетот во Мичиген, во чиј центар за повици за прибирање на финансиски средства повиците ги примаа студенти коишто добивале стипендии, и тие зборуваа со јавувачите 10 минути.

Резултати: По еден месец, јавувачите трошеа 142% повеќе време на телефон од претходно, и приходите се зголемија за 171%. Но, јавувачите негираа дека стипендистите кои им се јавуваа им влијаеле.

Конечниот резултат: Како добрите чувства да ги одминаа свесните когнитивни процеси на јавувачите и да отидоа директно во потсвесниот извор на мотивација. Тие беа решени да успеат, иако не можеа да ја посочат точната причина која ја поттикнала оваа желба.

Кога знаеме дека нашата работа им помага на другите, повеќе ги следиме правилата

Истражување: Грант направи уште една студија во која стави знаци во тоалетите, кои велеа „Миењето раце спречува да фатите болести“ или „Миењето раце спречува пациентите да фатат болести“.

Резултат: Докторите и медицинските сестри користеа 45% повеќе сапун или средство за дезинфекција на раце во тоалетите каде што беше поставен вториот знак.

Конечниот резултат: Помагањето на другите нè мотивира.

Позитивните коментари за вашите способности ја поттикнуваат вашата ефикасност

Истражување: Студенти на Универзитетот Харвард давале говори и правеле интервјуа со експериментатори кои климале со глвата и се смееле, и со експериментатори кои ги кревале веѓите или ги прекрстувале рацете.

Резултати: Учесниците во првата група подцна одговориле на неколку прашања попрецизно отколку оние во втората група.

Конечниот резултат: Стресните ситуации треба да се контролираат – сè зависи од тоа како се чувствувате. Кога сте во „предизвикана состојба“ мислите дека можете да се справите со задачата (како првата група); кога сте во „состојба на закана“, од друга страна, тежината на задачата е премногу за вас, и се разочарувате. Повеќе сте мотивирани и подобро работите кога сте предизвикани и кога имате доверба во вашите способности.

Слики кои поттикнуваат позитивни емоции можат да ја зголемат вашата ефикасност

Истражување: Истражувачите на Универзитетот во Хирошима им зададоа задача на студентите, кои пред и потоа гледаа во слики од мали или возрасни животни.

Резултати: Ефикасноста се зголеми и во двата случаи, но повеќе (за 10%) кога учесниците гледаа во слики од мали мачиња и кученца.

Конечниот резултат: Истражувачите сметаат дека оваа позитивна емоција поттикната од гледање нешто слатко и убаво ни помага подобро да се фокусираме, и подобро да ја изработиме задачата која бара поголемо внимание. Затоа толку многу луѓе се опседнати со гледање мали и слатки животинчиња.

Прегледи:
592
Објавено на:
10.03.2016