Слушајте се себеси и тогаш ќе ви се случи нешто посебно

Тој глас кој доаѓа од нашата длабочина, од бездната на нашата душа е единствениот глас кој треба да го послушаме.

Кажи ми дали некогаш си бил/а во ситуација да се најдеш во некоја животна раскрсница и да не знаеш како понатаму? Дали некогаш си застанал/а на пола пат и си барал/а знаци, било какви, дури и најмали кои ќе те однесат на сигурно? Веројатно си. Признавам јас сум, срцето ми чукаше во петите, тагата се насели во сите делови од телото, дланките ми беа испотени а низ главата ми проаѓаше метеж. „Боже, каде си сега!?“

Балансирајќи ги годините помеѓу својата неодлучност и желба за промена, животот премногу пати ме тестираше со својата непредвидливост. Ми испраќаше луѓе кои не ги посакував, работи кои не ми требаа, лекции кои не ги побарав. А сето тоа со една цел, се додека еден ден не сфатив кога погледнав назад на сето тоа, животот ме тестирал. Но не со ситни недоумици, туку со тешки одлуки.

Кога еднаш ќе се најдеме на животна раскрсница, независно од тоа дали следи прашина или злато, се слуша еден глас, оној внатрешниот. Тој глас кој доаѓа од нашата длабочина, од бездната на нашата душа е единствениот глас кој треба да го послушаме. Не луѓето кои ќе ни зборуваат што е најдобро или најпаметно за нас. Тие луѓе не знаат како изгледа нашиот пат затоа што никогаш не биле со нас.

Кога еднаш ќе се сретнеме со внатрешниот глас, не постои животна бучава која може да не одведе на погрешниот. Тогаш сите наши патишта се вистински. Тогаш сета прашина која не гушела се претвора во злато. Но не злато кое се носи околу вратот, туку тоа кое се обвиткува околу срцето. И кое сјаје поубаво и посилно од се – преку нас самите.




Коментари

[fbcomments]