Категории

Снежни врнежи во текот на ноќта, утре поинтензивни

Највисока снежна покривка од 68 сантиметри во 19 часот е измерена во Лазарополе, соопшти вечерва Управата за хидрометеоролошки работи.

Во Пожаране 42 см, 29 во Ѓуриште, 25 см во Берово, 23 во Тетово, 21 во Битола, 14 во Скопје (Зајчев Рид) и во Струмица, 11 сантиметри снег во Тополчани, 10 во Крива Паланка, 7 во Демир Капија, 5 во Прилеп и 4 сантиметри снежна покривка има во Претор и Виница.

До 19 часот најмногу наврнат воден талог во изминатите 12 часа има во Демир Капија, 7 литри на квадратен метар, 5 во Гевгелија, 3 во Битола и Пожаране, по 1 литар на метар квадратен во Скопје (Зајчев Рид), Тетово, Лазарополе, Берово, Тополчани, Ѓуриште, Струмица и во Штип.

Најниска температура од -3 степени вечерва е измерена во Маврово, 0 степени во Тополчани, Тетово, Лазарополе, Пожаране и Ѓуриште, 2 во Скопје, Крива Паланка, Штип, Битола, Прилеп и Демир Капија, 3 во Гевгелија, Претор и Берово, 4 во Струмица, 5 во Охрид и шест степени во Виница.

Времето вечерва е облачно со локални врнежи од снег, а на југоисток со врнежи од дожд. На места во западните и јужните делови врнежите се со умерен интензитет. На североистокот од Македонија дува умерен северен ветер.

Во текот на ноќта ќе биде облачно со повремени врнежи од снег, а на југоисток со повремени врнежи од дожд и снег. Врнежите повремено ќе бидат со умерен интензитет, а најмногу врнежи во ноќните часови се очекуваат на југоистокот од земјава. Ќе дува слаб, а на североисток повремено умерен ветер од североисточен правец.

Според најавата на УХМР, и утре ќе биде облачно со врнежи од снег. Претпладне врнежите ќе бидат послаби и локални, а попладне почнувајќи од запад ќе се интензивираат. Најобилни ќе бидат кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните и јужните делови од земјава. Во крајните југоисточни делови врнежите ќе бидат од дожд и снег.

Ќе дува слаб до умерен, повремено засилен ветер од северен и североисточен правец, што ќе услови можна појава на снежни навеви. Минималните темепартури ќе бидат од -5 до 1 степен, а максималните од -2 до 4 степени.

Во скопско ќе биде облачно со повремени врнежи од снег, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Снежната покривка ќе се зголеми за околу 20 сантиметри нов снег.

И во четврток времето ќе биде облачно со повремени врнежи од снег, пообилни во утринските, а на исток во претпладневните и пладневните часови. Од врнежите што се очекуваат утре и во четврток снежната покривка насекаде значително ќе се зголеми, на повеќе места за 20 до 30 см. Најмногу врнежи ќе има на југот од земјава каде на места се очекуваат и над 40 сантиметри нов снег.

– Уште претпладне во четврток почнувајќи од запад врнежите ќе престануваат, а на истокот ќе се задржат до пладне и рано попладне. Стабилизација на времето со суво време и делумно намалување на облачноста ќе има од петок, информира УХМР.

Прегледи:
271
Објавено на:
17.01.2017