Социјалните мрежи поттикнаа граѓански активизам, донации и мапи за помош за настраданите

По невремето што го зафати скопско, голем број граѓани покажаа солидарност, а социјалните мрежи во голема мера континурано овозможуваат граѓански активизам и ангажман за да се следи ситуацијата, преку иницијативи да се помага на поплавените, па и да се санираат штетите во настраданите подрачја.

Еден од поактивните е и Демијан Хаџи-Ангелковски. Активистот преку социјалните мрежи постојано креира мапи за пунктови за донирање, за места каде е проодно, кои се критични и поплавени подрачја, што придонесува за подобро организирање и координирање на активностите за помош на настраданите.

„Уште од саботата вечер, откако видов дека многу луѓе немаат појма што се случува на терен, почнав да собирам информации од Твитер, како што пишуваа луѓе и да ги закачувам на мапа. Не сум искусен во ова, бидејќи е еден вид на напредно граѓанско новинарство, ама кога никој друг не сака, тоа е тоа. Врз база на мапата вчера, голем дел од активистите и граѓаните знаеја каде треба да помогнат и каде е ситуацијата многу лоша. Врз база на ова искуство и информациите кои можев да ги соберам од активисти и волонтери, ја направив новава мапа, која ги покажува местата каде што може да се донира и каде може да се најде помош”, вели Хаџи-Ангелковски за МКД.мк.

 

Потенцира дека мапата е создадена во најголема мера да се олесни комуникацијата и да се намали шансата за пренесување на погрешна информација. Потврдува дека денеска ќе оди на лице место на терен, каде вели систуацијата е страшна. Според него, голем проблем е и лошата организација на екипите кои помагаат, односно на Црвен крст, АРМ и МВР.

Во принцип, вели тој, активистите се координираме преку Твитер и преку една голема Фејсбук-група(„Хуманитарна помош за поплавените семејства во Скопје”), во која се пренесуваат сите информации кои се најпотребни.

Таму редовно се објавуваат информации за потребна помош од волонтери, помош во вид на донации, нови собирни места за помош, информации за расположливи човечки ресурси за директна помош, за состојбата на терен – и во настраданите подрачја, и на местата за собирање донации.

Администраторите и модераторите на групата се организирани со континуирани дежурства и за логистика, давање помош, обезбедување контакти за итно интервенирање и повикување на надлежни институции, теренски активизам итн. Се работи во смени, поради потребата и од теренска активност во којашто активно учествуваат и администраторите и модераторите на групата. Во групата има достапен упатен администратор или модератор, 24 часа.

Хаџи-Ангелковски дава два прости примера зошто е толку важна оваа група.

„Прво, вчера имаше еден огромен пост, каде околу 40 луѓе константно пишуваа како е невремето на нивната локација, дали имаат струја и вода, или не дај боже пак поплава. Второ, една госпоѓа од Волково побара помош, бидејќи била поплавена, ама не можела цел ден да ја извади водата од куќата. Попладнето ги споивме со ‘Водовод и Канализација’ и и ја средија куќата пред новото невреме”, вели Хаџи-Ангелковски.

Според активистот, во моментов е најважно да се исчистат улиците и каналите во најпогодените места во Ченто, за да се намалат можностите од заразни болести. Затоа, вели тој, многу важно е покрај храна и свеќи, да се донираат и средства за хигиена и дезинфекциони средства.

„Колку побрзо делуваме сите на терен, толку побрзо нашите сограѓани може да се вратат на своите нормални животи. За жал, оние кои имаат загинати лица во семејствата, ова ќе биде многу потешко. Би сакал да апелирам до сите граѓани, да бидат хумани, ако можат и да се пријават како волонтери во општина Гази Баба. Покрај продуктите, потребни се и луѓе на терен. Исто така, потребна ни е и точна информација каде и кога треба помош. Најбрзо може да го направите тоа преку Твитер, пишувајте на #Поплава”, вели активистот Хаџи-Ангелковски.

Еве ги местата каде може да се донира во Скопје. Оваа листа постојано се ажурира и променува:

1. МИТ Универзитет, Центар, City Gallery 10-17 часот
2. Поранешен Жито Лукс, ул Иван Аговски бр 10, Карпош 1
3. Сите основни училишта, општина Аеродром, 8-20 часот
4. ВЕРО центар, од 13 часот
5. НАНО бар во Дебар Маало, секој ден, 8-01 часот
6. Момин Поток
7. ОСНОВНОТО УЧИЛИШТЕ 25-ти Мај се наоѓа во Ченто таму е крајниот пункт за предавање на донациите
8. Општина Гази Баба
9. Во ООУ „Гоце Делчев” Аеродром во Горно Лисиче и Долно Лисиче е отворен пункт за собирање на донациите, 8.8.2016 г. од 8-22ч
10. Пункт за оставање и за подигање донации во Инџиково: кај автобуската кај игралиштето.
11. Хуманитарна организација „Св. Спас” – Драчево, Информации на тел. 078/383-743 отец Оливер
12. Кисела вода, пред маркетот Веро, 8-20 часот

Извор: http://www.mkd.mk/




Коментари

коментари