Категории

Среќа е – Да можеш да си ја програмираш иднината!

Во ова интервју, разговаравме со Едуфронт кои нудат онлајн ИТ обуки за програмирање за деца. 

Технолошката писменост им помага на децата да ја разберат технологијата присутна во светот околу нив, со цел да донесуваат свесни одлуки. Иновативните процеси им помагаат на децата да го трансформираат она што го учат во сопствените пронајдоци. За време на ЕДУФРОНТ програмите, децата се запознаваат со прототипови, дизајнирање, тестирање и итерација, како и сите важни аспекти на процесот на иновации. Наставата ја водат врвни едукатори кои знаењето до учениците го пренесуваат преку напредни методологии на забавен начин.

ИТ Обуките веќе не се обуки на иднината, туку на денешнината. ЕДУФРОНТ е посветен на поттикнување на дигиталните вештини кај децата и отворање на пат кон професиите кои значајно ќе им го променат животот во креатори на иднината. Разговаравме со Гордана, дипломиран математичар и професионален едукатор со повеќегодишно искуство, која го води Едукативниот центар за деца, ЕДУФРОНТ. 


  • Едуфронт постои неколку години и сега веќе нуди и онлајн обуки за програмирање за деца за обуки како Python, Scratch и HTML/CSS/JS. Кажете ни подетално како започнавте, за што станува збор и кои се досегашните ефекти? 

 

Горде: ЕДУФРОНТ го формиравме како едукативен центар за компјутерско образование на деца од најрана училишна возраст. Нашите обуки се засноваат на програми кои ги учат децата од основно образование за компјутерско размислување и фундаменталните концепти како да ја користат технологијата, програмирањето и информациите во дигиталната ера. 

Технолошката писменост им помага на децата да ја разберат технологијата присутна во светот околу нив, со цел да донесуваат свесни одлуки. Иновативните процеси им помагаат на децата да го трансформираат она што го учат во сопствените пронајдоци. За време на програмите, децата се запознаваат со прототипови, дизајнирање, тестирање и итерација, како и сите важни аспекти на процесот на иновации. Наставата ја водат врвни едукатори кои знаењето до учениците го пренесуваат преку напредни методологии на забавен начин.

Во рамките на проектот поддржан од страна на Фондот за Иновации и Технолошки Развој развивме две програми за две обуки, а по неговото завршување уште три нови.

ПрограмИграм™ e заштитена трговска марка на ЕДУФРОНТ под која развивме различни програми за деца од 6 до 14 години, како што се: ПрограмИграм Мини во Scratch Jr., ПрограмИграм во Scratch, ПрограмИграм во HTML/CSS/JS и ПрограмИграм во Python. 

ПрограмИграм™ Мини во Scratch Jr. е наменета за најмалите од 6 до 8 години, но поради неможноста на одвивање на обуката онлајн, истата во моментот е паузирана.

Во обуката за програмирање за деца  „ПрограмИграм™ во Scratch“ се изучува програмскиот јазик Scratch преку користење на наставната програма „Creative Computing Curriculum“. Преку стратегии и активности и креативна работа со компјутери користејќи го програмскиот јазик Scratch децата се воведуваат во програмирањето. Обуката е наменета за деца од 8 до 12 години.

 

Обуките за програмирање за деца „ПрограмИграм™ во Python“ и  „ПрограмИграм™ во HTML/CSS и Javascript“ се наменети за деца до 10 до 14 години. Во нив се изучува програмскиот јазик Python, односно скрипт јазиците HTML, CSS  и програмскиот јазик Javascript.  Во обуките се користат активности и методи преку кои на едноставен и интересен начин се објаснуваат основните концепти, се извршуваат задачи и се учат вештини за кодирање. На сите ИТ обуки за деца се користат дигитални платформи или веб страни до кои секој ученик има пристап во текот на часот. Од март оваа година сите обуки ги  оддржуваме онлајн, со користење на платформата Zoom за комуникација и присуство на наставник којшто го води часот и ја следи работата на учениците. 

  • Каква е состојбата на онлајн едукацијата во моментов за деца, особено во контекст на Ковид кризата? 

 

Горде: 

По настанување на Ковид кризата онлајн учењето се наметна како најдобар начин на замена на традиционалото учење во училница. Сметам дека на почеток и институциите и едукативните центри наидоа на повеќе потешкотии и пред носење на важни одлуки. Сепак, сите кои бараа и работеа на решение успеаја на свој начин успешно да преминат во онлајн едукација. Во моментов за децата има најразлични можности за онлајн едукација. Во голем број случаи се  увидоа и огромните предности на ваков вид на учење кога е добро испланирано и спроведувано со вистинските алатки и техники. 

Ние како едукативен центар, уште при првото затворање во март, во рок од неколку недели се префрливме на онлајн обука. Од тогаш наваму, имаме организирано повеќе ИТ обуки кои исклучиво се одвиваат онлајн. Голем дел од родителите се задоволни бидејќи им е намален напорот за логистика за носење, чекање и враќање на децата од обуката, и при самото одвивање на обуката тие се на сигурно. Резултатите се доста слични со обуките во живo.


 

  • Како ЕДУФРОНТ додава вредност врз подобрување на едукацијата на децата во време на дистанцирано учење? Кои се клучните проблеми и предизвици со кои се соочуваат децата при изучување на ИТ обуки генерално? Како досега се снаоѓаат при онлајн учење?

 

Горде: 

Обуките кои ги има ЕДУФРОНТ се темелат врз зајакнување на компјутерските вештини на самите ученици и на моментот дека во нашите обуки децата не се само конзументи, туку и креатори на компјутерски содржини како што се презентации, анимации, игри, веб страни, цртежи и видеа. Од тој аспект можеме да кажеме дека нашите обуки за програмирање за деца додаваат вредност врз подобрување на едукацијата на децата во време на дистанцирано учење. Користењето на алатките за видеконференција, споделување на документи и слично им овозможуваат на децата тие новостекнати вештини да ги применуваат и во моменталното онлајн учење.

Секако, како и во секоја друга работа, од време на време се јавуваат проблеми и предизвици со кои се соочуваат децата при изучување на ИТ обуки. 

Од наша страна може да кажеме дека децата се многу поспремни во учење на нови ИТ вештини споредено со нивните родители, и затоа секогаш препорачуваме децата сами да се борат со предизвиците со кои се соочуваат. На тој начин тие искуствено учат како да решаваат проблеми врз основа на ресурсите кои им се дадени. 

Понекогаш може да се случат и некои технички проблеми во врска со интернет конекцијата или недостапност на некој од учениците. За да овозможиме непрекината онлајн настава секогаш на секоја обука има по двајца едукатори од ЕДУФРОНТ. Нашиот генерален впечаток е дека децата брзо учат и брзо се снаоѓаат со технологијата при онлајн учење, така да препорачуваме родителите да им дадат поддршка на децата сами да се справуваат.

  • Видовме дека изминатиот период имавте доста вебинари од кои дел беше и со Бојана од Мој Психолог за совети и практики за онлајн учење. Како беше интересот на истите?

 

Горде: 

Од пролетта па досега организиравме или бевме дел од повеќе онлајн вебинари, од кои како најпосетени би ги издвоила: „Девојки во технологија“ во соработка со WomenInTech и Impact Foundation и „Совети за онлајн едукација на деца“ со Бојана од Мој Психолог. Интересот за овие вебинари беше многу голем, секој кај соодветната публика. Така првиот вебинар беше најпосетен од млади девојки кои размислуваат за кариера во Tech и мислам дека беше одличен настан на кој се разјаснија некои табуа и се споделија искуства од успешни девојки / жени кои работат во оваа индустрија. 

Вториот вебинар го одржавме точно пред почетокот на оваа учебна година и беше следен од голем број на родители и наставници. На него јас и Бојана споделивме свои искуства од онлајн учењето. Исто така дадовме повеќе насоки и совети за пристап и онлајн едукација на децата, како да се прилагодиме кон потребите за нови дигитални вештини за децата и родителите, како родителите подобро да се организираат и прилагодат за новата онлајн настава. Од психолошки аспект како да се оствари подобра комуникација помеѓу детето и родителот во процесот на промени и како да се задржи фокусот и вниманието на детето, како да се мотивира детето кога учи нешто ново или на нов начин. И на крај заклучивме дека нашите деца се подготвени за новата ера на образование и дигитална едукација.


  • Какви се вашите планови на подолг рок? Колку обуки планирате да имате и дали можеби сте размислиле за интернационално проширување?  

 

Горде: Во моментот сме фокусирани на доусовршување на постоечките програми, со тоа што спремаме уште две пробни програми, кои ќе ги лансираме следните месеци. Идејата е да направиме спектар на обуки кои ќе опфатат поширока публика на деца кои се заинтересирани и во делот на уметноста и дизајнот.

Паралелно работиме на нашиот Систем за управување со обуки, кој го доразвиваме за поддршка на родителите и децата како целосен систем.

Во делот на интернационализација на самите обуки размислуваме секојдневно, но во моментот мислиме дека треба да изградиме добра база и искуство пред да излеземе надвор од Македонија. Секако доколку најдеме партнер или некаква подршка која би го забрзала тој процес ќе прифатиме и посветено ќе работиме да ги интернационализираме нашите услуги или производи.