Категории

“Среќа значи состојба во која ги живееш своите вредности без ограничувања” – искрено со Марија Манева

“Кога си креативен, тогаш си отворен, полн со разбирање и љубов и за себе и за сѐ околу себе.” – дел од прекрасните изјави на дизајнерката Марија Манева.

Во време на несигурност и континуирани предизвици кои прават да заборавиме на малите нешта кои не прават тоа што сме, постојат индивидуалци кои се тука да не потсетат да ја негуваме нашата автентичност и да ги развиваме нашите вештини.

Таква личност е и Марија Манева професионалец во полето на  визуелниот дизајн и дигиталниот маркетинг, таа е дел од тимот на експерти и истражувачи на Market desing academy сопственик на Windmill Shop” – Ветерница како  организатор на обуките: Онлајн обука за полимерна глина и епоксидна смола и Онлајн обука од хоби до бизнис.  

Нејзините дела зрачат со позитива енергија исто како неа, па решивме да дознаеме нешто за нејзината приказна, инспирација и искуства.

 

  • Шест години изминати во креативност, фантастични колекции, прекрасни дизајни и неизмерна среќа. Како започна приказната за Ветерница? 

Приказната со Ветерница настана како резултат на еден внатрешен порив за лична трансформација и порив за едно авантуристичко патување до себе. Точно е дека за мене Windmill Shop значеше билет во еден правец кој води до неизмерна среќа.

  • Секогаш наоѓате нови начини како да ја изразите вашата креативност, но и да ја поттикнете кај останатите, што е извор на креативност за вас?

Креативноста во мојот свет има висока вредност, затоа што сметам дека тоа е умешност да се видат работите на поинаков начин. Па ако треба да кажам кој е изворот на креативноста, би рекла дека е љубопитноста и таа постојана потреба да ѕирнеме што има под површината, позади завесата, од другата страна. Секогаш да поставуваме дополнителни прашања, а што тоа друго може да значи, а како поразлично може да биде, дали може поинаку да изгледа, на каков поинаков начин може да се реши, да се употреби, да се каже, да се види, слушне итн. Креативноста ги шири перспективите, ја шири рамката низ која го гледаме и доживуваме светот. Кога си креативен, тогаш си отворен, полн со разбирање и љубов и за себе и за сѐ околу себе.

Најголемата заблуда е дека креативноста е талент, посебен дар кој го имаш или не, што е сосема погрешно.

Секој може да биде креативен и станува креативен во моментот кога станува љубопитен. Само поставувај прашања и веќе си креативен, веќе го имаш калеидоскопот во рака.

 

 

  • Епоксидната смола и полимерна глина се дел од автентичните материјали кои ги користите при изработка на вашите дела. Што се може да се изработи од нив и како вие започнавте да ги употребувате?

Тие ми се љубов на прв поглед. Како некоја романтична љубовна приказна, кога среќаваш некого кој ти е привлечен и почнуваш да се интересираш и истражуваш сѐ за него. Така и јас ги сретнав материјалите сосема случајно на интернет,  па почнав да се интересирам, да ги истражувам. Во тој период, пред осум години, ретко кој работеше со полимерна глина, а епоксидната смола пак беше апсолутна непознаница и не можеше да се купи во Македонија. 

Денес ситуацијата е многу поразлична и многу ми е драго заради тоа, затоа што се работи за навистина одлични материјали кои даваат можности за широка употреба. Епоксидната смола во последните неколку години особено е популарна во интерниот и ектерниот дизајн и во современата архитектура се користи за конструкција на внатрешни и надворешни 3D подови, ѕидови и сл. Јас лично ги користам материјалите за изработка на креативни производи во мали формати.

  • Во соработка со Market design academy ја организиравте онлајн обуката “Од Хоби до Бизнис”, како започна идејата за овој проект и какво беше искуството да се спроведе една ваква обука?

Обуката од Хоби до Бизнис ја креиравме во време кога почувствуваме дека има најголема потреба за тоа, кога стравот од економската криза стана предоминантен. Тоа е обука за секој оној кој мисли дека ќе остане без работа или во моментот е без работа или му треба дополнителен приход, затоа што на многу едноставен начин, преку практични и корисни совети и информации даваме насоки како во овие актуелни околности можеш на најбрз и наједноставен начин да дојдеш до финансии. Егизистенцијалниот страв е присутен, многу одлични луѓе со извонредни квалитети  остануваат  закотвени во нересурсни позиции само затоа што се блокирани од стравот кој секојдневно го јакнат.

Во овој момент единствено можно место каде целосно можеме да ја живееме потребата за слобода е интернетот. Во онлајн светот сѐ уште не е забрането движењето, патувањето, сообраќајот, дружењето, социјализацијата, гушкањето.

Обуката Од Хоби до бизнис ти покажува дека не си сам, особено не во ова дигитално онлајн време. Напротив, цел свет ти е на дланка и можеш да бидеш во својата викендица во село, а да ги продаваш своите производи и услуги во Њу Јорк, Берлин, Осло, Лондон. Обуката од Хоби до Бизнис е онлајн обука која ја препорачувам на секој кој има некое свое хоби, а сака да го трансформира во бизнис, односно да почне да заработува од него. Првата обука се реализираше во март, а во тек е третата група која ја следи обуката. Резултатите се фасцинантни и да бидам искрена не очекував ништо помалку од тоа.

  • Што е следно  за Марија Манева и Ветерница?

Во завршна фаза е подготовката на уште една креативна Онлајн обука која ќе биде наменета за деца, а извесен период  работам и на содржинскиот концепт и дизајн на печатен нотес кој ќе се вика „Водич до себе“ , затоа што работите кои ќе ги запишеш внатре навистина ќе те однесат до себе.

  • За крај не интересира што е среќа за Марија Манева и каде би ги поттикнале останатите да ја бараат својата среќа?

Супер е што го промовирате ова прашање затоа што за мене лично е многу важно и суштинско.  Верувам во идејата дека единствено среќни луѓе градат среќни општества. Водена од оваа идеја во најголемот пик на корона кризата ја креирав Фејсбук групата Клуб на среќни приказни, каде бесплатно споделувам некои мои инспиративни дизајни (постери, боенки, картички, планери, календари ис л.)

Среќата  како состојба не е константна, таа е менлива, тоа што денес ве прави среќни, не значи дека и утре ќе ве прави среќни. Ние се плашиме од промените, но единствено нешто што е констатно е самата промена, а со тоа и нашата среќа е менлива и минлива и бара постојано градење на дневно ниво.

За мене среќа значи состојба во која ги живееш своите вредности без ограничувања.

Тука мислам на општи вредности  кои секој од нас си ги поставил како животно важни, на пример љубов, пријателство, успех и сл. но во нивната најспецифична смисла.  Па така кога збориме за пријателство, да се запрашаме какво точно пријателство мене ме прави среќна и да го живееме тоа пријателство во таа најспецифична смисла. 

Ова прашање треба да си го поставуваме секојдневно – Што за мене значи среќа и што мене ме прави среќна?

Кога ќе дојдеш до одговорот, почни да го живееш тоа без ограничувања.

Среќа е што те имаме и ти  посакуваме многу успех во иднина, уште многу успешни обуки и нови колекции. Доколку сакате да уживате во останатите нејзини креации следете го нејзиниот инстаграм профил windmill.shop и нејзината официјална веб страна www.marijamaneva.com

Прегледи:
1146
Објавено на:
23.07.2020