Среќа на денот: Момчето од Струга кое се разбуди по 4 години кома, слави матура!

Јован Колоски, е чудото од дете, кој по четири години поминати во кома успеа да се разбуди и да ја победи лошата болест и покрај тоа што овдешните лекари им ги затворија вратите и ги испратија во сигурна смрт. Тој сега е матурант и се подготвува за факултет. Неговата желба е да стане актер. 

Иако тешката болест, во 2009 година  му го одзеде детството, тој се врати онаму каде што застана. На неговиот 13. роденден се разбуди од кома. Не препознаваше никого. На ништо не се сеќаваше. Болеста му го избриша детството. Одново како мало дете ден по ден почна повторно да учи за животот, да вика мама, тато, баба…

На радоста и возбудата во семејството Коловски ѝ нема крај. Велат дека сите се возбудени, а најмногу Јовче како што го викаат неговите родители, Мира и Димитрија, кои деноноќно бдееја над нивното синче единче, кое го чуваа како капка роса во нивните раце.

„Јован има свои планови и желби – Сака да биде глумец. Колку е тоа реално, не знаеме затоа што лекувањето не е завршено. На секои три месеци Јован мора да прими терапија во Љубљана. Никој не знае до кога ќе трае и како ќе се одвиваат работите. Тоа многу не исцрпува и психички и физички, но најмногу финансиски. Само Господ знае до кога ќе трае нашава борба“, изјавила за весникот Вечер мајка му Мира.

Сѐ за почнало во 2008 година

Само што го започнал своето прво одделение, го нападнала лошата болест која докторите кај нас не можеле да ја утврдат. Јовче најпрвин почувствувал некоја жештина во левата рака, а потоа се згрчил и го фиксирал погледот. Додека стигнале во Скопје состојбата се средила. На Детска клиника по прегледот му била одредена дијагноза вирусен менингитис, другиот ден бактериски па туберкулозен, за да постепено почне да ја завлекува ногата, говорот. По неколку недели родителите го слушнале шокантното објаснување на докторите „Ова дете е во кома, не оди и ќе умре. Вие само чекајте го тој момент…се присетуваат како да беше вчера двајцата родители кои како лавови се бореа и борат за Јовче.

Лекувањето го продолжиле во клиничкиот центар на Љубљана. „Три месеци бевме таму и не успеаја да утврдат што е со Јован, но најдоа терапија која ги смири нападите“, раскажуваат за Вечер Мира и Димитрија на тешките денови кои длабоко се вкорениле во нивната душа. Поради немањето да ги намират болничките трошоци, тие биле принудени  се вратaт дома иако детето сè уште беше во кома. „Од јули 2009 до јануари 2010 бевме во домашни услови без да има контрола од доктор или да ни се пружи каква било помош. Сите само креваа раце и отворено ни велеа – „Не сакаме вакво златно дете да ни умре овде, носете го дома.“  или „Вашето дете сака да ја испушти душата дома со вас родителите, а не по болници“ – раскажува Димитрија за весникот Вечер.

По враќањето кога сите болници им ги затвориле вратите Мира и Димитрија својот дом го претвориле во вистинска болница. Нивната борба е неисцрпна, поттикната од исконската љубов да го спасат нивниот син. Детето во таа година само вегетирало, а единствен знак дека сè уште е живо покажувал пулсот на неговите вратни жилички.

Семејството покрај тоа што лавовски се борело со болеста, истовремено воделе битка и со немаштијата. Продале сè што имаат само да го продолжат лекувањето, а Фондот за здравство не им обезбедил средства. Единствена светла точка во здравството за нив била докторката Аспазија Софијанова, која неколкупати заедно со нив како лекарска придружба одела во Словенија.

Колку што тие се бореле за животот на Јован исто толку се борела и докторката Мирјана Перковиќ-Бенедик од Педијатрична клиника во Љубљана, која постојано го изнесувала случајот пред научни институции во светот. Подоцна од Оксфорд ја одредиле дијагнозата НМДАР енцефалитис. Многу ретка болест 20 – 30 случаи во светот. Јован повторно бил однесен на лекување во Словенија со помош на донациите што ги собирале во меѓувреме. Благодарение на соодветната терапија на доктор Бенедик, Јован почнал да ја добива битката.

Се разбудил за својот 13. роденден

На неговиот 13. роденден се разбудил од кома. Не препознавал никого. На ништо не се сеќававал. Болеста му го избриша детството. Одново како мало дете ден по ден почнал повторно да учи за животот, да вика мама, тато, баба. И научи, а потоа тргна во училиште. На радоста ѝ немаше крај. Кога пристигнал во училиштето, горд со ранецот на неговите сè уште кревки плеќи, тој се присетил на сè. Се сетил на неговите другари со кои седел во клупите. Неуморно со помош на неговиот татко, кој е професор по математика тој го совладувал сите препреки. Научил да чита, пишува да раскажува. Завршил основно и се запишал во гимназија. Иднината е пред него, а ние се надеваме дека ова момче ќе се избори со сите препреки и ќе живее здрав и среќен живот!

Извор: Вечер




Коментари

коментари