Категории

Среќата низ стиховите на Ѓоко Здравески

На крајот на денот ни останува тоа што не изградило, љубовта со која не хранеле зборовите со кои не растеле. Ова се стиховите кои ќе ве навратат на тие моменти од вашиот живот. 

Во третата книга поезија “Дедикар Икарал” која ја издаде во 2017 година Ѓоко Здравески ни остави стихови кои не гушкаат како слатки слики од минатото потсетувајќи не на тоа колку љубов и среќа носиме со нас денес. Ова е една од неговите поеми од збирката која зборува за нашите бездомни погледи.

Едно за сите 

 

имав среќа:

се родив во дом 

во кој зборовите се изговараа 

тивко и еднаш беше доволно

за да се запомнат. љубовта и казните

се изрекуваа со поглед и многу нешта 

се подразбираа. лебот се замесуваше

со молитва и потоа се макаше во салатата

една за сите. дом со облека што никогаш

не се смалуваше, туку само си го менуваше

сопственикот. дом со две деца

во една детска соба. со еден кревет

на два ката. со еден телевизор. едно радио.

еден автомобил. со соби без клучеви

и една бања пред која трпеливо

се чекаше и самото светло беше знак

дека некого има внатре.

многу работи беа

едни за сите.

и потоа,

кога пораснав и кога излегов

од дома, имаше смисла само

да се љуби.