Категории

“Патот е целта која срамежливо приоѓа. Со глумата, рапот и уметноста се запознав спонтано, фазично и асоцијативно…” – Стефан Вујисиќ

“Среќа е… интимна ментална структура. Место од каде што можеш да појдеш и да се вратиш.” – изјави Стефан Вујисиќ во едно посебно интервју за нас, составено и пишувано  од личноста која максимално ужива во неговата пасија и начин на изразување – Панајота Гушкова.

Глумец, рапер и визуелен уметник- Стефан Вујисиќ е една од најневообичаените личности кои некогаш ќе ги запознаете. Неговиот мултимедијален пристап е уникатен по тоа што Стефан го живее тоа што го работи. Пишува рап- текстови од свои 11 години, на 14 години неговиот талент за пишување е препознаен од Tonyo San и ја снима првата песна со него. Од таму наваму Стефан има снимено над 100 песни под псевдонимот Vuisa, па VuiSah (ќе ви објасни зошто транзицијата). Уметноста секогаш била присутна во неговиот живот, доаѓајќи од фамилија уметници, прва негова меморија е како го црта првиот цртеж на 3 години. Стефан завршува Средно Уметничко Училиште – отсек графика, но понатаму продолжува да твори во сферата на дигиталната уметност. Сосема спонтано, Стефан одлучува да се запише на студии по глума на Факултетот за Драмски Уметности и тука навистина блеснува како талент. Од запишување на студиите во 2011 до сега, Стефан има одиграно над 50 професионални претстави, повеќе краткометражни и долгометражни филмови. Моментално е вработен во Драмски Театар во Скопје. Учесник е на Sarajevo Talents 2019 и Berlinale Talents 2020. Стефан има 28 години и навистина уникатен пристап кон животот, ајде да дознаеме малку повеќе за него:

Стефан ти си актер, рапер и визуелен уметник кој беше патот кој те доведе до овие три љубови?

Патот е целта која срамежливо приоѓа…

ова сега ми дојде. Патот беше фазичен и асоцијативен. Се започнува од своевидна предиспозиција и коктел од влијанија кои понатака се регрутираат меѓусебно. Поради домашната атмосфера, прво настапи цртањето, потоа како последица на истата атмосфера, која ненаметливо изобилуваше со разни ТВ сензации и музики од касети, надојде ентузијазмот за перформансот и визуелната интерпретација заедно под рака со музичката. Се понатаму се лепеше на тој дифолт. 

 

Си изиграл повеќе од 50 претстави, сигурно си имал разновидни искуства. Дали можеш да издвоиш омилена улога? Кажи ни повеќе околу тоа.

Една омилена не можам да издвојам поради тоа што сум бил дел од радикално различни приоѓања према проект и актерство; па токму таквите ќе ги споменам. Тоа се улогите: колажот од ликови во мојот прв испит и претстава воопшто – Досие Копче, за која што земав награда на студенскиот фестивал ” Цар Константин” во Ниш. Потоа ликот на Тригорин од Галеб од втората година на студии. Порција (улога во која глумев жена) од Венецијанскиот Трговец, за која што исто така земав награда на “Војдан Чернодрински” во Прилеп. Ликот на Банко од претставата Магбет. Луков од Црнила Ремикс (концерт-претстава) и улогата на Дарко во филмот Господ постои името и е Петрунија, која што имаше премиера на Берлинале. 

На кои проекти работиш моментално?

Моментално театарот има ковид. Јас го почитувам тоа и сметам дека не е времето бахато да се пропагира традиционален пристап додека не се повлече состојбава. За мене ова е идеално време да се осврнам на останатите љубови: пишување песни, фото-манипулации/кратки видеа и мојата девојка. Со девојка ми основавме онлајн галерија на фамилијата Вујисиќ со назив Vujisic Art, можете да го отчукате на социјалните мрежи- таму го изложуваме непресушното творештво со кое е преполн домот на мојата фамилија. :)

Кажи ни повеќе за твојот journey во правењето рап музика?

Снимањето рап песни го зема повторно својот замав во последниве години. Вака гледано од птичја перспектива имав неортодоксна авантура низ рапот. Затоа своето време не го дефинирам според албуми, туку по ери ; Од 2007ма до 2011та ја заокружив првата ера под псевдоним Vuisa; По студиите, во 2016тa ја започнав втората концептуална ера, која што не знам до кога ќе трае и во неа се водам како VuiSah. Сега во името има две големи букви како моите иницијали и како две личности кои на различни начини се провлекуваат низ песните; а h-то е незвучно и е од естетски причини.

Моментално со Никола Ристески – Пики спремаме албум под наслов “Детска Соба”. Прогнозираме да биде нешто поинакво, не по секоја цена, туку по цена да се отарасиме од метастазирани стереотипи што се раширени секаде наоколу. Две песни- Детска Соба и Клаустрофобија од истоимениот се излезени на Јутјуб и можете да ги слушнете. Следно треба да излезат два видео записа(од други две песни) и ако се биде како што треба албумот ќе ја доживее својата промоција во 2021ва година.

Имаш извадено над сто песни, од каде црпиш инспирација?

Кога започнав, на своите неполни 15 години инспирацијата произлегуваше воглавно од напливот на пубертетски емоции и импулси. Во тие години излегува нешто сирово и точно што подоцна е тешко да се репризира. Рапот како аутлет е добра комбинација на себе-реализација во прво лице и нерегуларен пишан збор. На почетокот темите изобилуваа со кој колку е подобар од другиот, па понатака се разбрануваат според сензибилитетот и потенцијалот на поединецот во разни правци. Инспирацијата воглавно е од екстериерна природа, а мене секогаш ми било предизвик што ин-териерот ќе каже.

Што за тебе значи мултимедијалност, што за тебе ги спојува глумата, музиката и визуелната уметност?

Во мојот случај ги спојува непресушната желба да кажам и раскажам некому нешто што поинаку не можам. Човекот е желен за дијалог од секаков вид. Дури и монологот е дијалог. Некому е доволна вообичаената комуникација, а некој бара и открива различни алтернативни начини како да пласира и пренесе нешто некому. Генералниот етер секогаш изобилувал со ограничен начин на пренесување информација. Тој се менува споро и мачно и како последица на тоа постојат поинаквите изрази – да дофрлат подалеку.

Различните медиуми се екстремитети од исто тело; за творецот истражувач најдобро е да ги истражи сите за да дознае од каде доаѓаат.

Која е твојата порака до оние кои го следат твоето творештво?

Во раните години кога ќе дознаев бенд или филм го чував себично за себе и така се дефинирав себе преку знаење повеќе од некој друг. Неколку пати интуитивно се почувствував како жртва на истиот механизам. Во време кога и најевтиното се наметнува како скапо и кога на масата ставаш ист бајат леб повеќе пати, гладниот од недостаток на поинаков, по некое време ќе го јаде. Тоа што надвор се претставува и поставува како стандард не е никаков предизвик и новитет колку што е поинаку спакуван истиот леб, од кој што тие пред нас не одолеале да си го дујат стомакот со него. Со поедноставни зборови, мојата порака е: кога некој ви нуди таков леб, да го удрите по-рака.

Што за тебе претставува среќа?

Имам незаситни желби, амбиции и страсти. Не е добро кога истите се неартикулирани. Затоа сме во долга потрага барајќи баланс. Различни луѓе различно го решаваат тоа. Најтешко е да најдеш мир покрај многуте демистифицирани теории и погледи на животот… кога не се определуваш за групни идеи и мораш да оформиш своја. Во таа интимна ментална структура те чека нешто што се нарекува среќа.. Место од каде што можеш да појдеш и да се вратиш.

Среќа е да уживаме во творештвото на личности како Стефан, повеќе за него и неговите идни проекти може да дознаете на неговиот  фејзбук профил: Stefan Vujisic(Stefan Vujisikj)

Прегледи:
388
Објавено на:
04.12.2020