Категории

Tанцовите клубови бараат финансиска помош и да им се укине забраната за работа

Приватните танцови клубови од земјава бараат финансиски надомест за претпрените штети во изминатата година, како и укинување на забраната за работа.

Тие од вчера се приклучија на протестите на туристичко-угостителкиот сектор и сметководителите, поради, како што велат, нелогичностите при постапувањето на Владата со новите рестриктивни мерки кои опфаќаат затворање на овие институции и спречено вршење на нивната дејност, засега до 27 април 2021, но со веројатност за продолжување.

„Иако последните изјави на Владата се однесуваа на финансиско компензирање на сите правни субјекти кои беа затворени во изминатиот период, како и лани, така и сега, танцовите клубови не фигурираат на списокот на субјекти кои ќе добијат надомест на штетата. Бараме одговорност од Владата, бидејќи ваквата одлука е во најмала рака некоректна и нецелосно промислена. Уште повеќе, бараме образложение за причините поради кои танц-центрите се затвораат“, се наведува во соопштението на 46 танцови клубови.

Танц-клубовите предупредуваат дека дејноста е пред колапс, а 6.000 деца се спречени во својата омилена активност – танцувањето.

Тие додаваат дека целосно ја промениле формата на своето работење, со ограничувања на бројот на деца во сала, комплетни процедури за дезинфицирање и вентилирање на просториите, скратување на работното време на половина – најмногу четири часа во денот, вклучувње на паузи по секој час и обележување на просторот за движење и користење.

Прегледи:
554
Категории:
Uncategorized
Објавено на:
23.04.2021