ТЕАТАР КОМЕДИЈА – ТЕАТАР ЗА СИТЕ

Министерството за култура и НУ Театар Комедија, во соработка со Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост при Владата на Република Северна Македонија, започнаа со реализација на мерките предвидени во Акцискиот план по однос на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост.


Имено, во четврток, 28 февруари, на репертоарот на театарот Комедија ќе се прикажува Чеховата класика „Мечка“ (во режија на Димче Николовски), која ќе биде толкувана на знаковен јазик, со што претставата ќе можат да ја проследат и лица со оштетен слух. Театар Комедија освен како најпосетуван театар во земјава, станува препознат и по својата посветеност во поглед на отстранувањето на бариерите кои ги спречуваат лицата со попреченост да уживаат во аудиовизуелните услуги што им се достапни на повеќето луѓе во македонското општество.


Всушност, за прв пат во нашата земја, една театарска претстава ќе биде достапна и за глувите лица и непречено ќе можат да уживаат во придобивките на културните манифестации. Со овој чекор, Владата на Република Северна Македонија и Министерството за култура го признаваат и поддржуваат правото на овие лица на пристап до места за културни изведби, како што е наведено во Конвенцијата на ОН. Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, заедно со Министерството за култура ќе продолжат со своите напори и останатите национални и локални установи да продолжат со ангажирање на професионални толкувачи на знаковен јазик.


Истовремено, НУ Театар Комедија ги продолжува активностите во насока на подигнување на свеста преку промоција на содржини, во согласност со пристапот базиран на човековите права за лицата со попреченост. По предлог на Владата на РМ, во НУ Театар Комедија е предвидено да се вработи и постојан толкувач на знаковен јазик.




Коментари

коментари