Категории

Ти пишувам писмо со две раце…

Ти пишувам писмо со две раце.
Со едната го држам срцето да не излезе,
со другата зениците да не се излијат.
Бела хартија, полна кутија букви, мастило, душа, сѐ е тука.

Не дишам!
Ги намачкав очите со крема против солзи.
Вриштам само помеѓу редовите.
Се гушам после секој прашалник.
Каде ми се точките?
И нив ги изеде?
А ти го зготвив најомиленото јадење со сос од туна.

Ти пишувам писмо, раѓам нови зборови, ги сместувам во колевка направена од тишина и ги заспивам, лулајќи ги.
Истурив илузии по фустанот,
по хартијата само ќе гребам со вистината.
Пораснаа и кнедли во грлото.
Кошот е сѐ потесен. Обрачот стега.
Победи во натпреварот со 30 разлика.
Доби сиромашен аплауз.
Да чекам сѐ уште или да ти ги спакувам медалите во плико?

Ти пишувам писмо со две раце.
Со десната пишувам, со левата ги бришам солзите.
Се размачкуваат со мастило напишаните зборови и веќе не знам дали плачам јас или плачат тие.

Ги будам заспаните лузни и ги прашувам дали сакаат надвор.
Умеам да ги намамам со светлината,
а потоа ги сечам од почеток.
Повеќе нема да ги шијам.
Новите не се скапи.
На распродажба се.
Ќе напишам неколку и за подоцна, да имам, кога душата повторно ќе ми се залечи.

Ти пишувам писмо од воз, од последниот вагон, претрупан со збогувања.
Знаеш ли дека мириса на пожар?
Некој овде горел.
Пепелта не ја земал.

Со црвени очи ти пишувам бели букви.
Од воз…
Од иднината….
Ти ги испраќам во минатото, на твојата адреса.
Таму, каде што некогаш душата ја испушташе.

Маркицата ја залепив со бакнеж.
Нека ти се најде.
За крај.

Магдалена Јоциќ

Прегледи:
423
Објавено на:
02.10.2019