Убавините на Прилепско Езеро

  Подготвени сте за еден поразличен одмор ова лето?

 Сигурно размислувате за тоа која локација е најдобра за потполно да се изгубите во сегашниот момент и да ја вратите вашата енергија, верувајте дека навистина имате избор.

 Нашата земја изобилува со прекрасни места кои ни ги скокоткаат сетилата и прават да се дистанцираме од секојдневните обврски и проблеми. Една од не толку познатите локации за кои може да се одлучите кога сакате да се оддалечите од брзото темпо на живот е  Прилепско Езеро. На само 4км североисточно од градот Прилеп се наоѓа областа Гладно Поле, локација каде што денес се наоѓа вештачката акумулација Прилепско Езеро. Иако не го красат уникатни пејсажи како оние на нашите природни езера дефинитвно е една прекрасна локација која заслужува да биде посетена. 

  Езерото е изградено на Оревоечка Река, а се храни и со малите водотеци: Пештерска и Стара Река, како и водите кои доаѓаат од атарот на село Крстец. Ова мало езеро дефинитвно се истакнува со убавината на недопрената природа и нејзините прекрасни звуци кои носат доза на спокој и смиреност. Всушност тука нема да сретнете плажи ниту пак песок, но ја имате можноста да уживате во прекрасните зелени ливади и водотеци кои се влеваат во езерото. Неговите води имаат дури 28м длабочина, а истите се опружени со борова шума која е најдобриот лек за вашите бели дробови.

   Дел од посетителите на оваа локација уживаат во едрење, пикник, фотографирање или едноставно дружба во природа, а голем дел од нив одлучуваат да ја посетат оваа локација во придружба со својот велосипет. Езерото е изградено е во 1967 год. и од тогаш се користи за наводнување и како технолошка вода. Поради неговата примена има клучна важност за  локалните фармери кои најчесто одгледуваат тутун- како типичен продукт за регионот. Интересен факт е дека порано во оваа област се наоѓало сега потопеното село Пештерица. Па, доколку ја имате шансата да започнете нова авантура за време на летниот период  искусите ги убавините на ова езеро.

   




Коментари

[fbcomments]