Вечерва со почеток во 20 часот, претставата „Викенд на мртовци“ премиерно во Театар Комедија

Вечерва, со почеток од 20 часот, актерите од Театар Комедија премиерно ќе ја изведат претставата „Викенд на мртовци“ пред скопската публика во режија на Ѓорги Ризески.


По текстот на Миле Поповски, триесетина години од првата изведба во Драмски театар, сега публиката ќе може да ужива во современа верзија на „Викенд на мртовци“ збогатена со мултимедијални елементи и модерни реплики адаптирани на актуелното време во кое живееме.

На денешната прес конференција која се одржа во фоајето на Театар Комедија, свое излагање имаа дел од директорот на Театар Комедија, дел од актерите и режисерот.

„Оваа претстава е од поголеми размери со голема група актери: Роберт Ристов; Магдалена Ризова; Жаклина Стевковска; Миа Кантарџиева; Столе Мицов; Едмонд Сотир; Жарко Димоски; Александар Вељановски; Сашо Ристовски; Мирјана Ристов;  Дритон Вејсели и Кристина Ласовска. Сценограф е Сергеј Светозарев, костимограф – Андреј Папаз Ѓоргиевски, кореограф – Саша Ефтимова.

Пресреќен сум што во овој процес на работа дојдовме до овој производ, а на вчерашната претпремиера публиката си ко кажа својот суд. Ова е мошне квалитетна претстава која лесно допира до публиката и се надеваме дека уште долги години ќе биде на нашиот репертоар“, рече Сашо Ристовски, директорот на Театар Комедија.

„Она што ме прави особено среќна е тоа што после филмот и по повеќе од 25 години од првата изведба во Драмски театар на претставата „Викенд на мртовци“, конечно оваа култна комедија се наоѓа во нашиот театар. Вчера на претпремиерата целата екипа го вложи својот максимум и добивме продукт поради кој на секои десетина секунди се слушаше смеење во театарот иако ова беше мал ризик дали ќе биде подобра, дали, барем, ќе биде на истото ниво, зашто публиката често знае да суди по гледаното и веќе има оформен став. Оваа екипа направи современа тематика во која сигурно ќе уживате“, изјави Мирјана Ристов, уметнички раководител на Театар Комедија.

„Ова е претстава за живите кои се справуваат со смртта. Тргнавме од тоа дека претставата не е поставена долго време, дека денес живееме во друго време, дека тематиката е вечно присутна и трае, но едноставно идејата беше како ние денес гледаме на таа тема и како денешните ликови се справуваат со оваа тема која постоела и постои“, образложи во своето излагање режисерот на претставата, Ѓорги Ризески.

По вчерашната претпремиера и денешната премиера, претставата „Викенд на мртовци“ на репертоарот на Театар Комедија ќе се најде на 3. декември.




Коментари

коментари