Мултимедијалниот спектакл „Види музика, слушни слика, добиј книга“ на 19 јуни во Градски парк

Македонската филхармонија и Младинскиот културен центар по седми пат го организираат големиот мултимедијален спектакл „Види музика, слушни слика, добиј книга“ кој ќе се одржи на 19 јуни во Градскиот парк во Скопје.

Оваа година, соопштија од  Македонската филхармонија, концертот е симболично насловен „Со танц низ светот“, а со оркестарот на Македонската филхармонија ќе диригира гостинот од Бугарија, диригентот Мартин Пантелеев.

На програмата се бројни танци од класичната музичка литература за симфониски оркестар компонирани од маестралните: Чајковски, Брамс, Дворжак, Бернштајн, Штраус, Бородин, Росини, Де Фаља и многу други. Музичкото патување  со звуците на музиката ќе ги однесе присутните на сите меридијани, претставувајќи им стандардни танцови форми како валцер, менует, полонеза, полка, но и ориентални и страствени танци кои сигурно ќе ја натераат публиката да танцува во нивниот ритам.

На големи платна својата инспирација од музиката ќе ја пренесат ликовните уметници Менсур Бојда и Владимир Симеонов, а ќе бидат поделени и 20.000 примероци од книгата „Вита Бревис- писмо на Флорија Емилија до Аврелиј Августин“ од култниот норвешки писател Јостен Гордер.

„Види музика, слушни слика, добиј книга“ е несекојдневен празник на културата и уметноста кој секоја година во Градскиот парк привлекува многубројни граѓани кои уживаат во музиката и ликовните перформанси, стои во соопштението од Македонската филхармонија.




Коментари

коментари