Категории

Во среда се одржува 70-тата јубилејна критична маса: „Имаш сериозна врска?“

Оваа среда, на 28-ми февруари ќе се одржи 70-тата по ред критична маса, под слоганот „Имаш сериозна врска?“.

#НаТочак во повикот велат:

„Можеби за некои е заменливо парче метал и две гуми. Но за поголемиот дел од нас точакот е нешто повеќе од бездушен предмет. За некои од нас тој е сеќавање на нашето детство. За други тој е добро друштво за до работа или факултет.- За некои е здраво тело, а за некои е филозофија, борба за поубав град. За некои сето тоа заедно. И тие работи се врзани со конкретниот точак, со спомените креирани со него, средбите, љубовите, турите, критичните маси. Рачно осликаното ѕвонче, дизајнерската торбичка или довлечканата специјална корпа, багажникот со кој мајсторот долго се мачеше да го монтира…грижливо собираните налепници и неспретно направените гребаници, искривените калници. Твои си се, со нив ги љубиш улиците на градот.“

Оваа Критична маса, 70-та по ред ја посветуваатна безбедноста на точаците. Ќе возат под слоганот „Имаш сериозна врска?“, затоа што секоја „сериозна врска“ со нашиот точак повлекува и сериозна грижа за него во периодот помеѓу две возења и сериозно добар систем на заклучување.

Бидејќи велосипедите се лесна жетва за крадците, а за жал бројот на најдени и вратени точаци по кражба е сѐ уште мал, тие советуваат:

  • Секогаш заклучувајте го точакот за објект кој е цврст, не може да се уништи лесно и е неподвижен.
  • Велосипедот заклучувајте го за неговата рамка задолжително и дополнително за едно тркало доколку сте во можност, а никогаш само за тркалото.
  • Заклучувајте го на места каде има голема фреквенција на луѓе
  • Внимавајте на локацијата – таа секогаш треба да биде осветлено место и доколку има можност, заклучете го на место во домет на камера за надзор
  • Одберете систем за заклучување кој е побезбеден (од најбезбедно до најнебезбедно): U-lock, лептир (folding lock), ланец/синџир (chain lock), сајла (cable lock)

Тие во среда, на последниот ден од последниот зимски месец (28 февруари) ќе возат за да ја  покренат свеста за проблемот со украдените велосипеди, да се едуцираме како да ги заштитите велосипедите и да го повикаат МВР да воведе регистар за велосипеди, како и да покажат посериозен и поодговорен пристап кон пријавените случаи. Тие исто така, повикуваат секој на кој му бил украден велосипедот, да пријавува веднаш во полиција, бидејќи иако статистиката е демотивирачка, дел од велосипедите кои се украдени, сепак го наоѓаат својот пат назад до сопственикот. 

Во среда #НаТочак од 17:30 часот на Плоштад Македонија возат до депо на МВР.

Прегледи:
279
Објавено на:
27.02.2018