Вообичаени грешки на почетниците во теретана!

Еве колку често правиме грешки, иако мислиме дека правиме сè како што треба.

Сите луѓе прават грешки, дури и кога станува збор за здрави навики, вежбањето на пример. Па, токму овие грешки се причината зошто не го гледате напредокот за кој се надевате, што понекогаш може да доведе до целосно губење на мотивацијата. Еве што велат професионалните фитнес инструктори, каде луѓето прават најмногу грешки кога почнуваат да вежбаат:

 

Премногу се фокусирате на кардио тренинг

 

Има луѓе кои уживаат во кардио тренинг затоа што го сакаат чувството кога ги преплавува ендорфинот. Но, и во добрите работи треба да се има мера, премногу кардио вежби може да предизвика телото да започне да ” го јаде ” сопствено мускулно ткиво.

 

Колку кардио тренинг е доволно? Општите препораки велат дека се доволни 150 минути умерен кардио тренинг неделно, што значи половина час на ден за пет дена во неделата. Се разбира, ако вашите тренинзи се поинтензивни, на пример, ако вежбате вежби со висок интензитет, овој број може да биде помал. За кардио тренинзите важи ист принцип како и за сè друго во животот – фокусирајте се на квалитетот, а не на квантитетот. Многу е покорисно да дадете се од себе за 20 или 30 минути отколку да се протегате еден час или повеќе на лентата.

 

Не правите доволно вежби за сила

 

На сите им требаат вежби за сила, а овие се особено важни за жените затоа што ќе го зачуваат вашето чисто мускулно ткиво и густината на коските, што се намалува со текот на годините. Мускулното ткиво е „погладно“ од масното, па затоа кога имате повеќе мускули, согорувате повеќе калории помеѓу тренингот. Со други зборови, зголемувањето на мускулната маса е сигурен начин да се забрза вашиот метаболизам.

 

Во текот на неделата, треба да имате помеѓу два и пет тренинзи за сила. Општо правило за луѓето кои работат рекреативно е да ја активираат секоја голема мускулна група двапати неделно, на смена, со тоа што може да комбинирате две големи мускулни групи за време на еден тренинг, секако.

 

Немате никаков план

Ако вежбате да бидете поздрави, тогаш сосем е доволно да се погрижите секој ден да бидете активни. Но, ако имате конкретна цел, како на пример отстранување вишок килограми, многу е важно да имате стратегија што треба да ја направите, доколку е возможно, со помош на професионален инструктор.

 

Не јадете како што треба

 

Ова е сериозен проблем и малкумина се свесни за тоа. Ако сакате да бидете здрави и да изгледате убаво, ако сакате да ги намалите вишокот килограми треба да јадете. Се разбира, исхраната треба да биде квалитетна, добро избалансирана, но многу е важно редовно да јадете. Една од најчестите грешки што луѓето ги прават кога сакаат да ја намалат тежината е што се одрекуваат од оброците. Но, ова никогаш не дава резултати. Не е добра идеја да престанете да јадете, туку да го промените начинот на исхрана и да започнете да јадете и да живеете поздраво. Ако претходно сериозно не сте размислувале за исхраната, побарајте помош од нутриционист.

 

Не си поставувате нови цели

 

За да има смисла вашиот тренинг, не треба да западнете во рутина. Човечкото тело е совршена машина и релативно брзо се прилагодува на новите околности. Затоа е важно да ги менувате елементите на тренингот. Зголемете ја тежината, брзината со која се движите, со текот на времето кога вежбате. Сè што треба да направите е да не дозволите вашето тело да се навикне.

 

Продолжувате да вежбате иако го мразите тој вид тренинг

 

Многу е важно вежбањето да ве прави среќни. Ако трчате, а мразите трчање … нема шанси да истраете во тоа. Изберете тренинг на кој ќе му се радувате. Тоа е единствениот начин да го промените вашиот животен стил и да станете поздрави и позадоволни со себе.




Коментари

[fbcomments]