Забарска анестезија без игли

Истражувачи од University of Sao Paulo развиле техника за давање на (забарска) анестезија преку електрични бранови со мал интензитет, наместо со игла. 

Забарските интервенции се ионака доволно непријатни за (скоро) секого, а давањето на анестезија со игла само дополнително допринесува за таа непријатност (особено кај оние кои имаат страв од игли). Меѓутоа, барем тоа има шанси во блиска иднина да се смени со нова метода на давање на анестезија без игла, туку со употреба на електрични бранови. Овој метод не само што би бил безболен, туку и далеку поефтин, а би се намалила и можноста за понатамошни инфекции.

Новата процедура е наречена iontophoresis (ионтофореза), а процесот е следниот: претходно се припрема хидрогел со локален анестетик и полимер, кој му помага да се залепи за слузницата на устата. Во таа смеса се додаваат анестетските лекови prilocaine hydrochloride (PCL) и lidocaine hydrochloride (LCL), а потоа врз оваа мешавина се пуштаат електрични бранови со мал интензитет, кои помагаат анестетикот да навлезе во ткивото. Првичните резултати биле одлични, бидејќи дејството било брзо и долготрајно, а со овој начин навлегувањето на анестетикот било зголемено за 12 пати во споредба со досегашните методи.

Во план е оваа технологија да се адаптира и за други намени, првенствено за внесување на лекови во оболените ткива кај пациенти со болести на кожата и очите (каде што внесот на лекови со игла е исклучително болно, непријатно, и често пати тешко). Во овие случаи, би се користела нанотехнологија, ионтофореза како и сонофореза (sonophoresis), техника која наместо електрични користи звучни бранови.




Коментари

коментари