Категории

Запознајте ја Ивана Јанева автор на делото “Зборовите на Безгласната девојка”

Позната е по своите искрени цитати со доза на нескротливи емоции, а дел од љубителите на пишаниот збор добро ја познаваат по безвременските раскази склопени во нејзиното прво дело: “Зборовите на Безгласната Девојка.”

  Нејзиниот талент заедно со  високото ниво на емпатија се совршената комбинација кога станува збор за доловување на ситуации и случки од секојневиот живот, но нејзиниот успех се должи на долгогодишната посветеност. Ивана Јанева е автор кој живее и твори во Пробиштип, студира на Универзитетот “Гоце Делчев “во Штип на катедрата англиски јазик и книживност, личност која зрачи со позитивна енергија, решителност и смиреност. Во чест на неодамното издавање на нејзиното прво дело, решивме да Ви доловиме што е тоа што ја прави автентична како автор и која е нејзината приказна.

“Ништо не е твое ни името, презимето, титулите, родителите, децата.” Ова се дел од Вашите стихови, каде што посочувате дека една личност е повеќе од она што и е предадено.

Што е Ваше, што ја изгради Ивана во личноста и авторот што е денес ?

  Искрено ова секогаш е најтешко прашање да се одговори. Јас сум многу емотивна личност иако во поголем дел од ситуациите тоа го прикривам. Емотивните луѓе се сметаат за лесно ранливи во нашето општество. 

 Па така почнав чувствата да ги истурам на хартија, да останам своја на своето на интимен начин, безгласно, за да не бидам “камшикувана” за мојот поглед кон реалноста.  

 Почетоците на мојата љубов кон творењето се уште од мала возраст, уште во раните училишни денови бев дел од  најразлични секции и конкурси за пишување. Но, постои еден настан кон навистина беше тест за мојтот талент. 

 Ако се сеќавам добро беше седмо одделение, писмена работа по македноски јазик. Како и во други училишта така и во моето актуелна беше шемата на напиши состав на предвидените теми и препиши го истиот. Јас искрено никогаш не сум имала желба предвреме да спремам состав, мене инспирацијата ми доаѓаше кога ќе ја напишев темата во тетратаката за писмена работа. Но, дете како дете гледаш што прават останатите, па така за една писмена работа и јас решив да препишам веќе напишан состав. За моја несреќа или среќа наставничката ме примети дека препишувам, ми кажа дека заслужувам една голема единица, но добро ме познаваше, знаеше што се можам, па ми даде втора шанса со тоа што ми смени тема. Писмената работа помина и покрај новата тема сепак ја добив највисоката оценка за напишаниот состав. Кажав за несреќа или за среќа бидеќи тоа беа моментите кога навистина станав свесна за моите квалитети, понатаму се што остварив беше благодарение на тоа што верував во моите желби и континуирано се трудев да бидам подобра верзија од себе, секој нареден ден.

 

Во едно Ваше интервју предходно изјавивте: “Секоја моја приказна е базирана на делумна вистина. Вашата.”

Како започна приказната на Безгласната девојка која моментално ја следат над 7000 фанови ?

  Секој автор си има своја приказна, а почетокот на секоја приказна не е инстантен успех туку поучна авантура во која се осознаваме самите себе.

Во денешно време секој сака да е блогер, писател, да издаде своја книга, но се си има своја тежина. Со постови на мојата фејзбук страница започнав уште во 2014 година и на почетокот добивав коментари кои кажуваа дека не пишувам ништо ново или автентично, се е веќе прочитано. Тогаш во првите месеци дали имав околу стотина кој ме следеа и ги читаа моите творби и оваа бројка минимално се зголемуваше низ годините се до 2016та. Она што јас го пишувам во принцип никогаш не завршува со: “И среќно си живееа до крајот на животот.”

И можеби мојот стил тогаш не беше во склоп со очекувањата на читателите, но со тек на време моите зборови допреа до вистинските луѓе од кои денес добивам огромна поддршка.

Некои ја именуваат Вашата книга како роман некои како збирка раскази, што се крие низ страниците на Вашето дело “Зборовите на Безгласната Девојка?”

 И јас не би можела со сигурност да потврдам, бидејќи се наоѓа некаде на средината. Како личност која никогаш не се водела по правилата моето дело е огледало на мојот карактер, всушност и затоа самата корица го има мојот лик. Сметам дека нема ништо по автентично од тоа да бидете тоа што сте, а ова дело е исполнето со лекции кои што сум ги научила благодарение на моето опкружување. Со кратки зборови оваа книга е: Емоции на парче хартија.

 Сакам да читам обемни книги, од оние во кои уживаш со денови и навистина се предизвик додека ги читаш.Кога завршив со ова дело се почуствував како да е премало, како да нема доволно страници, но од друга страна знаев дека тоа е вистинската целина. Зборовите на Безгласната Девојка дава поинакава длабочина и димензија на теми како што се самодовербата и љубовта, а секој расказ е составен на начин што треба да му се препуштиш да те води низ приказната со цел да ја извлечеш вистинската поука. Она што особено е уникатно за ова дело се насловите на расказите, напишани се на горниот дел од десната страна со мали букви, нетипично нели?

Секако. Инспирацијата за одвојување на битните елементи кои се како поука, ми е извлечена од делата на Мисо, француски автор чии дела ми се особено значајни и истиот го издвојувам како мој омилен, иако е доста специфичен во поглед на своето творештво.

“Прифаќањето е благослов на секој однос.” – Е исто така една од Вашите мисли, а во Вашето дело спомнавте дека се крие и лекцијата за самодовербата.

Каков треба да биде односот кој го имаме сами со себе, колку е тоа битно за нашата самодоверба?

 Многу е битно да се прифатиме и цениме самите себе, бидејќи ако ние не го направиме тоа не можеме истото да го бараме од другите. Во животот треба да ја негуваме нашата автентичност да го градиме нашиот карактер да вложуваме во самите себе. Денес фокусот е премногу ставен на норми кои резултираат со самоорганичување, стереотипи во начинот и стилот на облекување, однесување, а ние луѓето сме повеќе од тоа. Јас лично сум свесна за мојот некарактеристичен стил за ова поднебје, но секогаш себе си сум се ставала  на прво место и тоа ја прави разликата и во поглед на моето творење и во поглед на личниот живот. Јас сум тоа што сум, а она што го пишувам е нешто сосема друго. Зборовите на другите не секогаш допираат до мене иако секогаш сум отворена за критика, нели сепак најважно е да бидете тоа што сте.

Што можеме да очекуваме наредно од Ивана?

 Веќе сум во преговори со неколку книжарници во нашата земја за дистрибуција на моето дело, така што очекувајте во наредниот период истото да е достапно до се повеќе читатели. Никогаш не би претпоставила дека ќе ја издадам мојата прва книга за време на светска пандемија, но не верувам во случајности така што и за ова има некоја добра причина. Како неофицијална информација сакам да споделам дека наскоро ќе започнам да ја подготвувам и англискта верзија од моето дело со цел да допрам и до моите поддржувачи кои се надвор од границите на нашата земја. Верувам дека секогаш треба да си поставуваме нови цели и да се стремиме кон поголем развој и успех, така што ова се моите наредни предизвици.

За крај што за Вас е среќа и како би ги поттикнале останатите да бида среќни ?

 За мене среќа е тоа што сум жива, здрава, успешна. Среќа е неизмерната поддршка која ја добивам од моето семејство кое е секогаш тука за мене. Што повеќе би побарала? На сите останати им препорачувам да го откријат своето внатрешното јас, да излезат надвор од нивната комфорт зона бидејќи само така ќе ја почуствуваат вистинската среќа.

Ивана, ти посакуваме уште многу успех во иднина, а на сите книгохоличари им го препорачуваме ова дело кое веруваме дека ќе ви ги разнежни срцата и растрепери чуствата. Имајте марамчиња при рака.

 

Прегледи:
861
Објавено на:
17.07.2020