Категории

Зошто е шахот кралица на сите игри?

Веројатно нема игра за која стотици години веќе толку се пишува колку за шахот. Ја нарекуваат „кралска игра“ зашто ја сметаат за кралица на сите игри.

Шахот е, веројатно и најстарата игра за која се знае, зашто некои тврдат дека постоел уште пред 5.000 години. Знаеме дека името на таа игра доаѓа од персискиот збор „шах“ што значи „крал“. А изразот „шах-мат“, кој исто така е од персискиот јазик значи „кралот е мртов“. Меѓутоа, дали баш персијците го измислиле шахот? -Тоа никој не го знае сигурно.

Всушност, пронаоѓањето на шахот во разни времиња им е припишувано на Грците, Римјаните, Вавилонците, Еѓипќаните, Евреите, Персијците, Кинезите, Индусите, Арапите и многу други народи. Според една теорија, шахот се родил меѓу будистите во Индија. Според будистичкото сфаќање, војната и убивањето на ближните, без оглед на целта поради која се води, претставуваат злосторство. Затоа шахот го измислиле како замена за војната. Повеќето меродавни личности сметаат дека шахот води потекло веројатно од Индија, од каде што се проширил во Персија, Арабија, а потоа во Западна Европа. Што се однесува до поединечните шаховски фигури, тие претрпеле многу измени во долгата историја на таа игра. Имало време кога и кралот можел да се „изеде“, што во денешниот шах е невозможно.

„Рокадата“ била нова замисла, која во шахот е внесена пред околу 400 години. Историјата на кралицата во шахот веројатно е најинтересна. Едно време таа фигура се викала по име што значело „генерал“. Денес, ако во играта ја изгубите кралицата, се смета дека сте останале без најјаката фигура. Меѓутоа, во старите времиња кралицата можела да преминува само по едно поле дијагонално, па затоа била најслабата фигура на таблата. Дури пред 500 години се здобила со својата сегашна моќ. Топот и коњот изгледа не се менувале во тек на многу години. Денес шахот се игра во целиот свет, а меѓународните турнири што се одржуваат редовно, со големо интересирање ги следат милиони гледачи.

Прегледи:
900
Објавено на:
13.03.2019