Книгата е најдобриот придружник на човекот, секогаш е тука за вас кога патувате, пред да заспиете и кога се будите, кога ви е здодевно или кога само ви треба малку забава и опуштање.
Ова е одлична листа од топ 10 наслови кои ќе ве стоплат оваа студена есен, а кои мора да ги имате во вашата домашна библиотека.
1. Јас пред тебе од Џоџо Мојес
Љубовна приказна за новата генерација која ќе ве запраша: Што сè би направиле за љубовта на вашиот живот, знаејќи дека срцето ќе ви биде скршено?
Луиза Кларк е обична девојка што живее еден многу обичен живот – стабилен дечко, блиско семејство – кои едвај отишле подалеку од нивното мало село. Таа се вработува кај ексгосподарот на универзумот Вил Трејнор, кој е врзан за инвалидска количка по една несреќа. Наскоро неговата среќа ќе ѝ значи повеќе отколку што можеше да замисли.
Оваа книга е екранизирана во филмот Me Before You, па така е одлична шанса да ја прочитате пред да го гледате овој филм, нели книгите се секогаш подобри.
2. Аферата Колумбо од Стив Бери
За трагачите по мистерии и акција, оваа есен топло го препорачуваме експлозивен нов stand-alone трилер од страна на Стив Бери, кој ќе Ве остави без здив до последната страница.
Што ако се што знаете за откривањето на Америка од страна на Колумбо е лага? Што ако таа лага е искористена за да сокрие вистината која доколку се дознае може да има сериозно последици за политичкиот свет?
3.Невработена од Лиса Овенс
Остар, нежен и смешен, овој брилијантен роман кој е деби на Лиса Овен не е само приказна за животот и тоа како главната хероина доаѓа до својата разрешница туку е и роман кој ги поставува прашањата кои ние никогаш не сме се осмелиле гласно да ги изговориме.
Клер Фланели ја напушти својата работа со цел да ја најде нејзината вистинска вокација – сето ова би било во ред ако Клер знаеше што бара и каде да бара, но пред сѐ таа требаше да се пронајде себеси.
Сите сме се нашле во ситуација кога околу нас е се совршено, а нашиот живот се распаѓа, зарем е можно да останете приземни? Невработена ќе ви го раскаже тоа.
4. Линда од Лејд Г.В. Першон
Исполнет со црн хумор и со возбудлива привлечност, крајно реалистичен, ЛИНДА е роман со одлични описи, како на личностите така и на настаните внатре во книгата, кои на читателот му нудат вистинско модерно ремек дело.
Еверт Бекстрем, главниот лик што авторот го опишува како низок, полничок и неподнослив, е полицискиот инспектор што против своја волја е испратен во Стокхолм за да го испита убиството на младата полициска приправничка.
Добитник на наградата ПЕТРОНА на најдобар скандинавски крими роман во 2014 година.
5. Ќерката на правта од Венди Волас
Книга совршено потсетува на топлината и бојата на пустината од Северна Африка. Приказна за Лејла која уште од своето детство сфаќа дека таа не е дел од нормалното општество во Судан.
Нејзината мајка не смее да се грижи за неа, па таа ќе биде пратена во дом, заедно со другите деца родени надвор од бракот. Таа се мажи, раѓа четири деца, се разведува, продолжува да го живее животот на една напуштена жена, но тоа ја прави храбра, одлучна и успева да се здобие со образование и се труди да ги отфрли предрасудите формирајќи добротворна организација.
6.Натерај ме од Ли Чајлд
Љубителите на трилери ќе го прочитаат за миг, а нема да му останат рамнодушни и останатите.
Џек Ричер има едно правило Ако сакаш да застанам…натерај ме. Експлозивен најнов трилер во серијалот романи за Џек Ричер.
Зошто овој град е наречен Мајчина почивка? Тоа Ричер сака да го дознае но никој не сака да му каже. По кратко време Ричер се вплеткува во една нерешена истрага која започнала тивко а потоа завршила смртоносно. Наскоро, Ричер се наоѓа себеси во очајна трка низ Лос Анџелес, Чикаго и Сан Франциско, за на крај да се врати на тоа мало место, за да се соочи со најголемиот кошмар кој може да го замисли.
7.Најсреќната девојка на светот од Џесика Нол
Современа приказна во која ќе се пронајдат многу жени, живеејќи во свет каде се под постојан притисок во патот кон успехот и сите работи кои ги прават за да го остварат својот сон.
Како тинејџерка во престижното училиште „Бредли”, Ани Фанели доживеа страшно јавно понижување. Сега, години подоцна со гламурозна работа, скапа облека и згоден вереник, таа е на чекор до совршениот живот што очајно се трудеше да го добие. Но има нешто друго скриено во своето минато кое се заканува дека ќе излезе на површина.
8.Инферно од Ден Браун
Данте инспирираше раѓање на уште едно уметничко дело, но уметничко дело кое сее смрт! Дали ИНФЕРНО за човештвото значи Пекол, Чистилиште или Спасение?
Роберт Ленгдон се буди во болнички кревет, под седативи и потполно дезориентиран… Несвесен за моментот кога пристигнал во Фиренца, дознава дека има прострелна рана на главата и дека вистинско чудо го спасило од смртта. Сиена Брукс, интелегентна и згодна млада докторка, прави сè да му помогне на професорот по симбологија да се извлече од канџите на Конзорциумот – моќна организација која го гони низ три европски градови… Неколку спротиставени страни се натпреваруваат да дознаат една единствена информација! Каде е скриено мистериозното и смртоносно ремек-дело кое му прети на човештвото и само еден човек може да го најде? Професорот по историја, уметност и симбологија вешто ги толкува и најмистериозните траги кои позади себе ги остава богатиот гениј за генетски инжинеринг…
9.Испревртени од Ема Чејс
Книгата „Испревртени“ од Ема Чејс е посветена на сите оние кои останале заљубени. Напишана е од две перспективи, машка и женска, и тематски е насочена кон љубовно-сексуалниот однос во врската меѓу главните ликови Кејт Брукс и Дру Еванс.
Постојат два вида на луѓе во светот. Оние кои бараат и оние кои се подготвени да скокнат. Јас отсекогаш сум била повеќе за барање. Претпазлива. Секогаш со однапред подготвен план. Тоа се промени откако го сретнав Дру Еванс. Тој беше толку упорен, толку сигурен во себе, дури и за мене.
10. Зеро Зеро Зеро од Роберто Савијано
Од авторот на бестселерот Гомора ни доаѓа една наелектризирана истрага за меѓународната трговија со кокаин, кој е моќен исто како што е заведувачки, како и неговата скриена улога во глобалната економија.
Во многу земји терминот зерозерозеро е жаргонски израз на најчистиот и најдобриот кокаин на светот. Овој роман е меѓународно незаборавно и најпродавано истражување за внатрешното функционирање на глобалната трговија со кокаин – нејзините правила и армии – и вистинската вклученост во светската економија, и влијанието врз сите нас.
Роман со специфичен начин на пишување кој го открива патот на дрогата. Личности, места, години и настани поврзани со падот на мафија опишани во овој роман го доведоа Роберто Савиано во ситуација да живее под постојана полициска заштита.