Една од поемите кои го одбележаа овогодинешното издание на 100 Илјади поети за промена
Во организација на глобалното движење „100 Thousand Poets for Change“, во соработка со здружението „Контекст – Струмица“ на 26ти Септември во Струмица се одржа десеттото издание на поетската манифестација „100 Илјади поети за промена“.
Делото на Стојческа е само парче од сложувалката на овој настан кој е иницијатор на глобални промени преку уметноста.
Снежана Стојчевска – Во движење
Низ автобуското стакло реалноста е поочигледна.
Госпоѓата во BMW брои пари над воланот.
До мене седи Ромка со преубаво дебело бебе во рацете.
Се прашувам кој е побогат? Посреќен?
Жените на билбордот на кој пишува убавината
доаѓа однатре рекламираат корективна козметика.
Пред црквата, како и обично, стојат истите просјаци.
Девојката што седи спроти мене
употребува натприродни сили да не заплаче,
сум седела на нејзиното столче.
Ми доаѓа да ја гушнам да ѝ речам:
Што и да те боли ќе помине.
Сè ќе помине.
Само ми е страв да не ја расплачам.
Мене, ете така, понекогаш ми доаѓа да го гушнам светот
и да ја земам на себе сета негова тага.
Некогаш ни мојата не можам да ја додржам.
Денес светот личи како да му треба големо парче чоколадна торта.