Категории

1000 години Бигорски Манастир – 1000 години родољубие, преродба, светост †

Слово на Неговото Преосвештенство, Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, по повод Бигорското илјадалетие, изговорено во храмот на Чесниот Претеча, пред почетокот на Вечерната богослужба, сабота, 17 октомври 2020 лето Господово.

Ваше Високопреосвештенство,

Ваше Високопреподобие,

Преподобни и чесни отци, браќа монаси и сестри монахињи,

Возљубени гости и пријатели,

Се наоѓаме во навечерието на големата прослава на великата годишнина на Свештената Бигорска Обител – 1000 лета од нејзиното основање од страна на нашиот отец меѓу Светиите, првиот и славен Охридски Архиепископ, Јован Дебранин. Јубилеј кој во себе открива еден недогледен океан на духовност, историја, просвета, родољубие, преродба, светост. Овој ден претставува, всушност, оцртување и заглавие на илјада години живот и сведоштво, и на подвиг и жртва на оваа свештена Скинија на Чесниот Претеча и Крстител Јован и го заокружува смиреното постигнување на нашата свештена монашка заедница. Стоејќи со восхит и благоговение пред оваа величествена годишнина, нашите срца се исполнуваат со благодарност и со должна почит кон нашите благочестиви претшественици, кон починатите отци и браќа наши, коишто во своите срца го запишале Словото на Вистината и ни оставиле образец на вистински живот и неспоредливо наследство. Просејќи го сега нивното застапништво пред Бога, со умиление и почит извикуваме: „Вечен им спомен!“

 

Илјадагодишното наследство во коешто се слева текот на богослужбениот и аскетско-исихастичкиот живот, го направиле ова место плодотворна почва за обожение, Едемска градина за духовно наситување и за успокојување, прибежиште на душите изморени и обременети од гревот и светот. Во текот на десетте изминати столетија, Бигорски заблескал подобно на Горнатата одаја во Ерусалим, и во него секојдневно се слуша шумот на Педесетницата; оваа благословена падина на Бистра се открила како нова Таворска Гора, каде што преку зраците на Таворската светлина се преобразиле и осветиле многу души; реката Радика, пак, се покажала како некој нов Јордан, каде што непрестајно одекнува Претечевиот повик за покајание: Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно[1] – повик којшто силно одекнувал во нејзината клисура со векови, и оттаму се ширел како ехо низ нашите градови и села.

Поседувајќи го светото предание на православната црква и благословот да се биде еден од првите и најзначајните општежителни манастири на славната Охридска Архиепископија, Бигорската Обител станала татковина на обожени личности, кои, жртвувајќи се себеси во подвигот на смирението, послушанието и љубовта, дале непроценлив влог за благоуспевање на црковниот и општествениот живот во Македонија и покажале дека евангелскиот тип на човек не е утопија, ами реалност, која се остварува, се живее низ светотаинскиот живот на Црквата; личности кои покажале дека човекот е навистина боголик, создаден според образот и подобието Божјо. Затоа денес, кога го прославуваме илјадалетието на Светата Обител, ние сведочиме за Црквата Христова; сведочиме дека постои вистински Прототип на човек, дека Тој се наоѓа во неа и дека преку Него таа преживеала толку долго време; дека таа, Возљубената, која целата е убава и нема дамка[2], преку благодатта на Светиот Дух, го образува охристовениот човек, личносниот човек, вистинскиот човек. Таквиот човек и денес насушно му е потребен на нашето современо општество, растргнато од суровите влеченија на неверието, сомнежот, релативизмот, нихилизмот и технократијата.

Кон богопрославеното бигорско илјадалетие, на наша чест, но и на голема одговорност, се додаваат и последниве две и половина десетлетија откако е возобновен монашкиот живот во него. Накалемено на духовната ризница на благодатта Божја, напластувана на ова осветено место со векови, нашето скромно монашко братство смирено ја продолжува мисијата на своите претходници, чиешто присуство од небесната Црква силно го чувствува и преку него се утврдува.

Овде, како неизоставен дел од скорешната и многуплодна историја на оваа Света Обител, благодарно ќе го издвоиме името на почитуваниот архипастир на оваа богочувана Дебарско-кичевска епархија, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Тимотеј. И самиот замонашен во Бигорски, тој е архијерејот со чијшто благослов во 1995 година се возобнови монашкиот живот тука, откако од неговите свештени раце мојата недостојност го прими рамноангелниот монашки потстриг. Го сметам за голем Божји благослов и за историска придобивка за нашата Црква тоа што во тоа време на епископската катедра во нашата епархија се најде токму овој монахољубив владика, кој уште од почетокот се постави кон нас праведно, правомислено и, пред сè, татковски.

Во духот на светото православното монашко предание, Митрополитот г. Тимотеј му ја подари на Манастирот потребната благословена слобода и доверба, т.е. внатрешната автономија, загарантирана од правилото на древните манастирски типици и правилници, а коешто дословно гласи: „А манастирот ќе биде во сè слободен и непороблив… сам со себе господарејќи и владеејќи… потполно уживајќи ги своите власт и авторитет“[3], и владеен, според зборовите на Свети Василиј Велики, од аристократска свест и од еден Отец, авва, игумен, „кој го носи Спасителовиот лик“[4]. Имајќи ја оваа слобода во Духот Господов[5], нашата монашка заедница можеше непречено да го продолжи делото на славните бигорски граѓани, коишто сега се жители на Небото и кои од лоното Авраамово го продолжуваат со нас нашето заедничко дело: да се сведочи за радосната вест за Царството Божјо[6].

Освен околу манастирското устројство, правомислието на Митрополитот г. Тимотеј се покажа и во однос на светото таинство на исповедта, без кое не е можно човек да го очисти своето срце и да Го види Бога. Знаејќи дека духовното раководство не е просто административна институција во Црквата, востановена од извесни канонски одредби, туку со векови востановена пракса во светоотечкото предание, еден личносен однос и заедница во Христа, митрополитот не само што значително помогна да се возобнови ова прекинато таинство кај нас, туку, согласно учењето на православната Црква, дозволи слободен избор на духовен раководител, и на свештениот клир и на верниците во светот. Се сеќавам, кога со доаѓањето во Бигорски му спомнав дека мојот духовник е на Света Гора, дедо Тимотеј ми одговори дека нема никаков проблем со тоа, дека изборот во однос на исповедта е личен за секој човек.

Заради сето ова, како и поради Вашата несебична помош и поддршка за прославата на великиот јибилеј, архипастиру наш свет, Ве молиме да го примите од нашите синовски раце највисокото милениумско одликување на Свештената Бигорска Обител – лента со ѕвезда и крст со ликот на Чесниот Претеча.

А сега, да торжествуваме духовно, зашто ова е денот што го создаде Господ, за да се зарадуваме и да се развеселиме во него[7]. Да прославуваме и да се радуваме заедно со знајните и незнајни светии што го осветиле ова место и да Му благодариме на Троединиот Бог и на Свети Јован Претеча и Крстител што нè удостоија во наше време оваа Света Обител да го одбележи своето илјадалетие. Историјата што се пишува денес, од нас бара залог да го продолжиме милениумското светоотечкото течение, та и ние, последните, да се удостоиме да се впишеме во славната бигорска повест и, со Божјата помош, да оставиме добри плодови за идните генерации населници и подвижници. А патронот на Свештената Обител, Чесниот Претеча, нека ја сочува здрава, неповредена и славна до крајот на вековите!

Извор: https://bigorski.org.mk/

Прегледи:
887
Објавено на:
18.10.2020