Категории

12 изуми од древен Египет без кои не можеме да си го замислиме светот

Древниот Египет е една од првите цивилизации кои се појавиле во светот, а старите Египќани биле едни од најнапредните луѓе во своето време. За нивната генијалност и досетливост читаме и учиме до ден денес, токму од нивните трајни документи, записи, градби, инсталации, изуми.

Прочитајте за изумите на древните Египќани кои секојдневно ги користиме…

1. Мастило – Освен црната, старите Египќани развиле и други бои на мастило со внимателно исцртување на пергаментите и ролните папирус. Нивната боја била толку трајна што дури и денес гледаме документи и уметнички дела кои сѐ уште не избледиле.

2. Шминка – Додека шминката денес е обично резервирана за жените и луѓето од шоу бизнисот, во древен Египет се шминкале сите луѓе. Популарниот ајлајнер, кој денес се користи за да се нагласи убавината на очите, најпрвин го направиле Египќаните мешајќи масти, минерали и чад. Шминката тогаш била показател и за општествениот статус: Доколку на лицето и телото имате повеќе бои, тоа значи дека се наоѓате на повисоко ниво на општествената скала.

3. Мебел – Работите како што се столиците, креветите и масите се најпрвин забележани во старите египетски гробници.

4. Пишување и белешки – Книгите и скриптите се свет дел од историјата, појавувајќи се токму во древна Месопотамија и Египет. Египќаните секогаш воделе евиденција за тоа што се случувало во нивниот живот. Раниот облик на пишување, со хиероглифите, покажувал слики од животот низ серија цртежи и симболи.

5. Хартија – Египќаните хартијата ја изработувале од трски кои растеле покрај реката Нил. Тие правеле хартија за да можат да ја запишуваат историјата, верските текстови и други важни документи.

6. Сончев и воден часовник – Со помош на сончевиот часовник, Египќаните врз основа на движењето на сонцето го одредувале времето во текот на денот, а со помош на водениот часовник – во ноќта. Водениот часовник или клепсидра е направа за мерење на времето со помош на протокот на водата од садот, обично од тесен отвор.

7. Перики – Поради жешките лета, Египќаните ги бричеле главите и целосно ја отстранувале косата. Затоа сите, освен свештениците и обичните работници користеле перики направени од волна или вистинска коса, а постоеле и во сина и црна боја и биле дизајнирани да ја одржуваат температурата на скалпот и главата постудена.

8. Паста за заби – Египќаните биле многу посветени на одржување на лична хигиена, па така, со мешавина на различни билки и етерични масла од цимет, темјан и мед правеле смеса која е претходник на денешните пасти за заби.

9. Календар – Египетскиот календар се состоел од 365 дена, 12 месеци и 30 дена во секој месец, а на крајот од годината се додавале уште 5 дена. Нивните календари го забележувале и течението и нивото на реката Нил, за полјоделците и земјоделците да можат да ги следат своите посеви.

10. Наводнување – Старите Египќани развиле комплексен систем за наводнување за да успеат да ги одржат своите сушни посеви.

11. Стакло – Веќе во 1500-тата година п.н.е. биле направени првите разнобојни бисери, токму кај старите Египќани. Се разбира, покрај топките, изработувале и чаши, шишиња, чинии, тегли. Нивните вештини за обликување на стаклото биле на доста високо ниво, па затоа и нивните изработки биле високо ценети.

12. Плуг – Плугот најпрвин го користеле старите Египќани. Првобитно бил многу неефикасен за полјоделството и земјоделството, но успеале да ги унапредат своите орудија врзувајќи ги за вол, кој имал сила да го влече алатот на подолг временски период.

Прегледи:
1895
Објавено на:
07.06.2016