Категории

17.000 причини да ја посетите Индонезија: Ретки розови плажи, гуштери од 100 кг, нуркање и сурфање!

Бали е островот кој поради своите плажи, природната убавина, културата и гастрономијата се наоѓа на вечната листа на идеални дестинации за патување.

 

Меѓутоа, токму поради неконтролираниот раст на популарноста, овој индонезиски остров денес се бори со преголемиот број на туристи, високи цени на сместување, сообраќајни гужви, проблеми со водоснабдуањето, а поголемиот дел од атракциите поради комерцијализација на содржината почнуваат да ја губат својата автентичност.

За среќа, доколку сакате одмор на плажа како од бајките, ретко која земја во светот може да ви понуди толкав избор на дестинации како Индонезија. Најголемата островска држава има повеќе од 17.000 острови, од кои само 6.000 се населени, а некои од нив се вистински дијамант со недопрени плажи, природа и автентична култура. Еве неколку дестинации кои по својата содржина многу лесно може да го заменат Бали.

Островот Раја Ампат

Архипелагот Раја Ампат се наоѓа во близина на брегот на Западна Папуа и се состои од 1.500 острови. Главните острови се Misool, Salawati, Waigeo и Batanta, а познати се како по песочните плажи, така и по планинските џунгли и скриени пештери. Гребените кои го опкружуваат островот се одликуваат со исклучителен биодиверзитет, а љубителите на птици треба да знаат дека архипелагот е дом за преку 500 видови птици.

Калимантан

За сите оние кои под идеален одмор подразбираат осамени плажи и запознавање со диви животни во длабоката џунгла, вистинска дестинација е Калимантан – индонезискиот дел на Борнео. Автентично искуство претставува крстарењето во традиционалниот брод – куќа во националниот парк Танјунг Путинг. Најубавите плажи можат да се најдат на архипелагот Дераван, но и на островот Маратуа во облик на потковица, познат по магичните шуми.

Сумба

Познат по едно од најексклузивните ресорти во светот, Нихи Сумба островот има се – идилични плажи, густа џунгла, пријателски настроени локалци и идеални услови за сурфери. За сурфање на оваа плажа задолжително мора да се резервира, а дневно се издаваат само по 10 дозволи.

Комодо

Островот Комодо името го добил по најголемиот гуштер во светот – комодо змеј. Овие импресивни животни, кои достигнуваат тежина и до 100 кг, можат да се набљудуваат во Националниот Парк Комодо. Рептилите се можеби најпознатите жители на островот, но не се неговата единствена атракција. Имено, овде се наоѓа и Пантаи Мерах (Розовата плажа), една од неколкуте плажи во светот со розов песок. На островот Комодо не може да се преспие, затоа организирајте сместување во близина.