Утре завршува Прошталната недела или Недела на проштевањето, седмица која завршува со Прочка или Велики поклади , празник на проштевањето и очистувањето од гревовите. Тоа е недела во која луѓето си проштеваат едни на други за да ги остават и гревовите со оставањето на мрсната храна со што подготвено ги почнуваат Велигденските пости.
Во неделата навечер се Поклади, вечерата е богата со млечни производи, пита со сирење и јајца.
Македонската традиција за Прочка е богата и разновидна. Најчесто, помладиот бара прошка од постариот. Синот приоѓа кај таткото, братот кај брата си, ќерка кај мајка си, снаа кај свекрва, сестра кај сестра си и секој секому му вели: „Прости ми”, а тој одговара: „Простено да ти е од мене и од Бога”. Така прави секој кон секого, и машко и женско, помладиот кон постариот, но и постариот кон помладиот.
За Прочка се прави заедничка вечера во семејството на која се запокладува со сирење и јајца. Вечерата завршува со амкање јајца што претставува радост за децата, а вистинската смисла на обичајот е на последното јадење пред постот да ја затвориме устата со бело јајце и потоа, на Велигден да ја отвориме и замрсиме со црвено јајце.
Амкањето е интересен обичај кој се изведува на тој начин што едно варено бело јајце се прободува со игла и конец кој се врзува за вретено или сукало. Домаќинката го држи конецот и сите почнувајќи од постарите амкаат обидувајќи се да го лапнат јајцето без помош со рацете. Само на помалите деца им се дозволувало да се послужат со рачињата.
Понеделникот по Прочка се вика Чист Понеделник и тогаш започнуваат долгите Велигденски пости. На овој ден се чисти куќата, особено се внимава садовите за храна да се измијат и испоснат од мрсното. Во минатото тоа се правело со брашно или пепел и со подолго вриење.
Во некои делови од Македонија како во Струмица и Прилеп за Прочка се организираат карневали, а во некои региони пак се палат огнови.