Категории

#365среќа Маги Медичи: „Без разлика на актуелните трендови, нема посекси изглед од природниот изглед“

Убавината ја среќаваме во најразлични форми и облици. Ја воочуваме насекаде околу нас, секојдневно. Стремежот кон убавина често се поврзува со совршенството, но најсовршените облици на убавина ги создава природата сама по себе.

Секоја жена е убава на свој начин, но сите ќе се сложиме дека кога станува збор за надворешната убавина, оние жени кои посветуваат внимание на својот изглед се најпривлечни за човечкото око. Токму поради таа причина, за да ја истакне својата убавина, жената го користи омиленото „оружје“ кое го има во најразлични бои и нијанси – шминката.

Во ова издание на #365среќа зборуваме со Маги Медичи, докажан мејк ап артист, која со помош на својот талент, креативноста и своите раце создава неверојатна убавина преточена во уметност.

1. За да бидеш успешен во својата професија, потребно е да понудиш нешто поразлично, постојано да се надоградуваш и никогаш да не престанеш да учиш. Како изгледаа твоите почетоци и зошто се одлучи токму за оваа професија?

Со оглед на тоа што во оваа професија сум веќе 20 години, почетоците ми беа во времето кога постоевме само неколку шминкери во Македонија, и навистина имав време да вложам во себе, во искуството и образованието. За оваа професија се одлучив зошто отсекогаш ме привекувала уметноста и умеам многу добро да се изразувам преку цртање на платно, кое исто така го правам во слободно време.

Let the day begin !!!

A post shared by 💎MaggieMedici Stylist&MUA 💎 (@maggiemedici) on


Завршив во Солун на академијата на Kryolan – Филмска шминка и специјални ефекти. Сеуште одам на семинари и обуки и ги следам сите светски трендови, секојдневно. Работам како моден уредник и стилист на списанието „Убавина и Здравје“ и тоа е уште една причина да сум секојдневно опкружена со светските модни влијанија. Според мене е навистина важно да имаш што да понудиш и тоа да е поразлично од другите, но кога клиентите ќе се пронајдат во мојот стил, тоа веднаш ме прави поразлична, затоа што мислам дека луѓето го одбираат она до кое што се стилски најблиску. Ако негуваат модерен глам стил – ќе се разбереме, но ако негуваат арабиан кич, тогаш не се за кај мене хахахаа..


Најважно ми е кога на клиентите ќе им дадат комплимент дека се многу убави, а не многу убаво нашминкани. Тогаш сметам дека сум го постигнала вистинскиот ефект.
Сепак според мене еден од најважните фактори за оваа работа е конзистентноста, убавата енергија што ќе си ја размениме со клиентот, убавата атмосфера и завршување на работата на време, без доцнење.

2. Секојдневната шминка секако, треба да се разликува од онаа за специјални поводи иако честопати можеме да го забележиме спротивното. Што би им препорачала на девојките да користат за разубавување секојдневно, а да не изгледаат премногу нападно?

Желбата да изгледаат поразлично од тоа како изгледаат секојдневно, понекогаш знае да отиде во сосема спротивен правец и девојките наместо да изгледаат попривлечно, завршуваат со лош нападен мејкап кој за никого нема да е привлечен освен евентуално за девојката што го носи. Мора да има разлика во шминката во зависност од пригодата, и затоа би препорачала да внимаваат на тешките сенки на очите и пудрата. Да не претеруваат со слоеви контури и коректори, затоа што нема потреба од толкава тежина пудра, се упропастува кожата, и лицето и старее многу побрзо.


3. Кога станува збор за твојата нега на лицето и омилените мејк ап производи, што може да се најде во твојата чанта?

Како човек што освен шминка работи и козметички третмани на лице, нема нешто што не сум пробала, и на себе и на своите клиенти. Мојата дневна рутина/нега, може да се каже дека е ритуал. Чистење на лицето наутро и навечер, Хиалуронска киселина за хидратација, анти-рид и анти-ејџинг крема, ретинол А, и два пати неделно пилинг и маска за лице со вклучена Гликолна киселина. Мислам дека негата на лицето е инвестиција и се придржувам до тоа правило. Најмногу ги користам производите на „The Ordinary“ (со нив и работам), а од декоративната козметика ги користам најмногу Kryolan i MAC и за себе и во работата. Една од работите во шминката на моето лице е тоа дека користам само течна пудра, никогаш камена или во прав затоа што имам сува кожа.

4. Среќата е двигател и причина за најубавите емоции кои се создаваат во нас. Што претставува среќата за тебе?

Работата ме прави пресреќна, но мислам дека ако во животот генерално не си среќен тоа се одразува и на работата и на се што те опкружува. Љубовта ме прави среќна, патувањата низ светот, здравјето и насмевките на моите сакани и семејството, хармонијата во животот ме прави среќна, насмевките и задоволството на моите клиенти ме прават среќна. И нема да излажам ако признаам дека сеуште ново парче шминка, козметика, гардероба или чевли ми влијаат како психо рехабилитација хахаха..

5. Овој период од годината особено е актуелна сезоната на свадби која за тебе значи викенди исполнети со работа. Кои се најпопуларните трендови за убавина за оваа сезона?

Оваа година се актуелни пастелните тонови на сенки за очи, боите на виножито, и земјените тонови, вклучувајќи ги црвените, портокаловите, и сл. Темни очи или чисти капаци со потенциран туш и трепки, актуелно е се што на клиентите им се допаѓа или им стои. Густи трепки и нагласени веѓи, корални црвени и темни кармини, глитер сенки. Но мене сепак ми е омилен исончан „сјаен“ изглед на лицето со малку црвено руменило на образите, бронзена сенка на очите и нагласени трепки, со корален или праска сјај на усните. Нема посекси изглед од природен изглед.