Категории

#365среќа Милена Антовска Станковска: „Најубавиот новогодишен подарок го очекувам во секој момент“

Милена Антовска Станковска е познато ТВ лице кое со задоволство го гледаме на малите екрани повеќе од една деценија. Млада, шармантна, остварена и успешна жена која плени со својата енергија. На крајот од оваа година разговараме со неа со посебен повод – очекувањето на најубавиот новогодишен подарок, нејзината втора ќерка.

Во ова издание на #365среќа зборуваме со неа за среќата, бременоста, идните планови и желби, а таа ексклузивно ни го открива и името на нејзината втора ќерка.

1. На прагот сме на уште една нова година, која со себе ќе донесе нови предизвици, спомени и настани. Како ќе ја паметиш 2021 година?

Оваа година за мене беше необична, непредвидлива и полна со предизвици. Во некои периоди од годината чувствував страв, понекогаш неизвесност, но исто така доживеав и многу среќни мигови. 2021 беше година полна со лекции за мене и најважно од сѐ ме научи дека ништо не е поважно семејството и сите драги луѓе да се здрави и живи.

2. Јануари е месец на нови почетоци, а за тебе ќе биде почеток и на една нова љубов – доаѓањето на свет на твојата втора ќеркичка. Како се чувствуваш во последните денови од бременоста?

Јануари отсекогаш бил посебен месец за мене. Покрај тоа што ми е роденден во овој месец, отсекогаш ги обожавам новогодишните празници кои го собораат целото семејство заедно. Но, отсега ќе имам уште поголема причина да ја сакам зимата и јануари, а тоа поради раѓањето на мојата втора ќерка. Во последните денови од бременоста физички се чувствувам истоштено, но сѐ се заборава кога ќе помислам дека за само неколку денови ќе станам мајка по втор пат.


3. Иако досега немаш споделено со јавноста, сигурно веќе сте одлучиле како ќе се вика твоето бебе. Дали можеш да ни откриеш за кое име се одлучивте?

Во семејство каде што владее хармонија и слога, лесно се донесуваат одлуки – па така беше и кога станува збор за името. Уште на почетокот на бременоста се одлучивме и едногласно го изгласавме името Јоана. Покрај тоа што звучи убаво, не е многу често, има и прекрасно библиско значење – „Дар од Бога“.

4. Среќата ја гледаме во различни облици и форми, во зависност од животните ситуации честопати се менува. Што е за тебе среќа?

Токму така, со текот на годините, како што се менуваат приоритетите, така се менуваат и причините за среќа. Меѓутоа, од друга страна среќата е нешто константно што нѐ прати цел живот, а од нас зависи каде ќе ја видиме и каде ја бараме. За мене среќа е да се радуваш на секој нов ден, да си благодарен за сѐ што имаш и да ги гледаш своите најсакани како растат и стануваат изградени личности од ден на ден.

5. Што си посакуваш во новата година за себе и најблиските и што би им порачала на читателите на среќа.мк?

Она што си го посакувам себеси и на своите најблиски, им го посакувам на сите читатели на среќа.мк. Што повеќе насмевки, што помалку завист. Посакувам да се храниме со љубов, наместо со злоба, да бараме доблести во секој човек наместо маани. Посакувам и што повеќе мигови поминати во природа, чист воздух и подобра иднина за сите нас.

Прегледи:
543
Објавено на:
30.12.2021