Категории

#365среќа Ване Маркоски: „Среќен сум што со текот на годините успеав да се искалемам во личност која околу себе има неколкумина блиски и вистински луѓе“

Познато ТВ лице, миленик на публиката кој секогаш успева да привлече голем број гледачи преку своите проекти. Вљубеник во природата, спортот, човек кој знае да се радува на животот и успева да ја пренесе позитивната енергија на луѓето околу себе. За неговите почетоци, идни планови и ставови во ова издание на #365среќа зборуваме со Ване Маркоски.

1. Како изгледаа твоите почетоци и запознавањето со телевизијата како медиум?

Беше тоа многу одамна. 2002 година за прв пат се запознав со медиумите, односно прво бев во радио и беше тотална катастрофа. Имав идеја, проект и желба за работа. Дека ова што го работам е мојата најголема љубов и желба, знаев од мал. За да ја поврзам приказната, ќе надополнам дека уште како помал кога со другарите си игравме во маало, често во попладневните часови, после училиште, поминувавме покрај една радио станица и јас нон- стоп си замислував како еден ден одам таму и им давам идеја за радио емисија.

Години подоцна, без да се сетам што сум замислувал како помал, напишав проект и тргнав накај радио станицата, а некаде беше 15 часот попладне. Се појавив на врата и си влегов и за мое изненадување разговаравме за проектот и одлучија да ми дадат шанса да направиме емисија за тинејџери. Дури сега кога го пишувам ова, се сетив дека всушност како сум замислувал како помал, тоа и се случило..Интересно…Почна емисијата, траеше неколку месеци и потоа едноставно од радиото немаа желба да продолжиме, а причините беа повеќе, најмногу тоа што кај нас, ретко кој сака да учи млад и неискусен кадар.

Потоа при крај од таа 2002 дојде нов оглас, кој што случајно го видов на исто така локална телевизија во Тетово, каде бараа тв и радио водители. Бев на аудиција, не ми се јавија, за да потоа случајно се сретнам со една вработена таму и ми каже дека го изгубиле мојот број и не можеле да ме најдат за да почнам со работа. Е таму веќе добив доверба, пракса … сѐ…

2. Твојата емисија веќе подолг период успева да предизвика внимание и заинтересираност кај гледачите поради различниот концепт и интеракцијата со публиката. Како се снаоѓаш во кујната и кое е твоето омилено јадење?

Се снаоѓам одлично, колку ова да звучи и нескромно. Но, најмногу, морам да признаам, ја сакам италијанската кујна, односно сакам да готвам разни тестенини и да експериментирам со разни сосови. Од „Изборот на најдобри рецепти“ пак, научив како да месам, сукам и да готвам голем број македонски традиционални рецепти, кои не често се осмелувам да ги правам.

3. Живееме во ера на модерна технологија, многу обврски и малку слободно време. Како јавна личност си изложен на стрес кој го носи професијата сама по себе. Понекогаш за жал потребно е да го загрозиме сопственото здравје за да сфатиме што е најважно во животот. Токму тоа ти се случи и тебе, а сега од оваа гледна точка работите ги гледаш малку поинаку. Кажи ни нешто повеќе за тоа.

Важно е човек да почуствува кога е време за нова страница. Јас ја платив поголемата сметка, која ме научи кои луѓе треба да ги ценам и сакам. После еден месец поминат во болница, кога имаш време да размислуваш за себеси и животот, дефинитивно поминуваш низ големи промени, а тие промени и ден денеска траат и јас сум многу среќен поради нив. Работам на будењето на својата свест, на тоа што е внатре во мене, бидејќи само така ќе можам еден ден да работам и за тоа што ме опркужува, односно да пробам со своите примери и постапки да влијаам на колективната свест, која во моментов ни е некаде заборавена.

4. Во различни периоди од животот среќата ја толкуваме на различен начин. Во моментов што те прави среќен?

Ме прават среќен малите нешта околу мене, на кои порано не им давав големо значење. Среќен сум кога се будам, одам на работа, седам дома, читам, го шетам кучето, кога одам на кафе, патувам, кога возам точак, планинарам, вежбам, кога планирам. Ме радува што сите околу мене се здрави и живи. Тоа е најголем благослов. Среќен сум што со текот на годините успеав да се искалемам во личност која околу себе има неколкумина блиски и вистински луѓе.

5. Покрај телевизиските ангажмани, дали подготвуваш нешто ново во претстојниот период?

Имам многу планови и идеји, бидејќи не сакам до крај на животот да работам професија, преку која луѓето ќе те знаат, ќе те етикетираат, оценуваат како човек само според тоа што тие мислат за тебе. Сега за сега останувам верен на оваа професија, се до моментот кога нема да почуствувам дека е доста, но не поради правење некои филмови, повлекувања, да ме има, па да ме нема, туку едноставно избирам јас да сум среќен, а поради тоа што нема ништо поважно од сопствената среќа, кога ќе почуствувам дека ме гуши работата, очекувањата на луѓето и јавниот сегмент на овој бизнис, тогаш ќе си се сконцентрирам на другите планови кои ги има во мојата глава, а немаат врска ниту со телевизија, ниту со радио.

6. Постои ли мисла која те води низ животот и те потсетува дека на крај сѐ ќе биде во ред?

Секогаш на пријателите кога некој поминува низ тежок период им велам: Сетете се кога ни било најубаво, кога сме биле безгрижни и насмеани… Само сетете се дека и пред тоа, имало лоши моменти и случки, па дошол убавиот период. Така е и сега. И ова ќе помине. Па среќата ќе се врати. Ништо не е вечно. Ниту среќата, ниту тагата. Секогаш барајте го мирот во себеси и не очекувајте премногу, за да ибидете поспокојни.