Категории

6 начини да заштедите пари при патување

Сите сакаме понекогаш да патуваме. Дали да се разладиме по жешкото лето, или едноставно да се тргнеме од секојдневието, патувањето често знае да биде терапија за духот. Но, не секогаш имаме многу пари за да имаме екстравагантни патувања. За среќа, постојат начини да појдеме на патување и без да потрошиме мини богатство.

1. Побарајте бесплатни активности

Ако потрошите малку време на пребарување, ќе видите дека на местото сигурно има активности кои се бесплатни, а сепак Ви даваат увид во духот на местото. На пример, музеите често имаат еден бесплатен ден неделно, или се бесплатни во одредени неколку часа во денот. Има наједноставни активности како шетање или возење со велосипед, или погледнување на атрактивни места како паркови или замоци, кои не се затворени кон јавноста.

2. Изнајмете соба со кујна (или барем со фрижидер и микробранова печка)

Наместо утринското кафе да го пиете во прескапо кафуле, или секој ручек да го јадете надвор, некогаш подгответе си оброк и кафе дома. Каде и да одите, намирниците од супермаркетите се далеку поевтини од готови оброци во ресторани. Вака, ќе можете и да си спремате сендвичи и грицки за кога ќе одите на прошетки низ градот или околните места.

3. Пред да резервирате соба, истражете ја локацијата

Пресметајте дали Ви е поисплативо да изнајмите соба на перифериите од градот, па цело време да трошите пари на транспорт (без разлика дали е тоа јавен превоз или Ваше возило), или можеби побрзо би изнајмиле соба која е малку поскапа, но блиску до сите места кои сакате да ги посетите (или плажа, доколку одите на одмор).

4. Користете поени за лојалност

Ако патувате релативно често, патувајте во исти хотели/хостели и со исти компании, бидејќи многу од попознатите авио-компании и хотели даваат поени за лојалност, како купони за попусти на користење на нивните услуги.

5. Не изнајмувајте ја најдобрата соба

Во суштина, колку време ќе поминете во Вашата соба? Ако планирате цел ден да сте излезени, колку Ви се потребни прекрасниот поглед, дополнителниот простор или базенот, кои некогаш коштаат и до третина повеќе од цената на соба која ги нема?

6. Патувајте вон сезона

Најскапите месеци за патување се јули и август, и периодот околу Нова Година. Но, зошто да се патува во сезона, со сите гужви, кога благодетите на овие времиња можеме да ги видиме и малку подоцна или порано? На пример, патување на море во јуни или септември е далеку поевтино, а морето е исто убаво и топло, дури и поубаво бидејќи нема гужви. Истото се однесува на Новогодишниот период. Познатите дестинации за Нова година, остануваат убаво и магично украсени и имаат снег во поголемиот дел од декември и до средината на јануари.