Категории

Како да му покажете безусловна љубов на партнерот?

Честопати го слушаме поимот „безусловна љубов“ и отприлика знаеме кое е неговото значење. Романтичната идеја за безусловна љубов треба да премине во дела, одлуки и односи кои ќе создадат врска каква што отсекогаш сте посакувале. Обидите да ја одржиме врската со луѓето кои ги сакаме не би требало да имаат услови. Безусловната љубов не е само концепт и идеалистичка замисла.

Ваквата љубов треба да нѐ инспирира да ги прифатиме сите предности и недостатоци на нашите сакани. Треба да ни покаже како да изградиме реалистични очекувања за другите и како да еволуираме во зрела личност која е дел од едно множество врски.

Сите луѓе имаат свое посебно сфаќање околу тоа што е љубов и како може таа да стане безусловна. Најголемиот подарок што го добиваме во животот е нашата способност да сакаме и да доживееме љубов. Безусловната љубов ја поттикнува идејата дека треба да ги разбереме, прифатиме и да се поврземе со другите луѓе без да се обидеме да ги смениме.

Ова е прекрасна идеја, но нашиот живот е постојано исполнет со услови. Потребата да се даде и почувствува безусловна љубов останува само желба. Тоа е така поради брзиот начин на живот во секојдневието исполнето со обврски и стресови. Прочитајте ги следниве неколку примери на условна љубов.

1. Родителот за прв пат го гледа неговото новороденче. За кратко време почнува да чувствува длабока поврзаност и безусловна љубов кон него. Родителите сакаат нивното дете да ја почувствува таа длабока љубов, но тоа расте и почнува да покажува свои лични особини и интереси. Родителите се обидуваат да го воспитаат детето и од него да направат совесен граѓанин кој се грижи за луѓето и презема одговорност за своите постапки.

Проблемот настанува кога родителите ќе го запознаат детето со активности како што се спорт, музика, уметност и многу други, но детето не е заинтересирано за нив. Тогаш тоа почнува да се чувствува неразбрано и мисли дека треба да ги остварува желбите на родителите за да биде сакано. Родителите треба да се соочат со голем предизвик и да ги почитуваат интересите и талентите на детето, кои понекогаш нема да се согласуваат со нивните. Уште поголем стрес се создава кога родителите ќе почувствуваат дека другите луѓе ги осудуваат поради нивниот начин на воспитување.

2. Љубовта кон сопружникот се раѓа со одредени очекувања за однесувањето, мислењето и целите на партнерот. Овие очекувања создаваат услови во љубовта што има големо влијание на врската. Треба да ги разбирате чувствата и емоциите и да преземате одговорност за вашите грешки во врската.

Можеби се прашувате дали можеме да дадеме безусловна љубов ако не ја чувствуваме самите? Безусловната љубов почнува од нас. Треба да се ослободите од потребата да контролирате или поседувате некого. Погледнете ги следниве начини кои ќе ви помогнат да покажете безусловна љубов…

Обрнете внимание

Бидете тивки и размислувајте за личноста и ситуацијата во која се наоѓате. Обрнете внимание на вашите чувства. Дали премногу наредувате? Дали сте љубоморни? Дали се оддалечувате?

Запрашајте се „Зошто?“

Зошто се чувствувате така? Стигнете до сржта на проблемот и прашувајте се „зошто“ сѐ додека не откриете од каде потекнува причината за вашите чувства. Ќе треба да се запрашате околу 5 пати за да стигнете до одговорот.

Одберете љубов наместо страв

Можеби се плашите од љубовта. Се верува дека сѐ што правиме, мислиме и чувствуваме е поттикнато или од љубов или од страв. Ако чувствувате страв, вие постојано ќе се заштитувате себеси, ќе се оддалечувате и ќе ја одбивате саканата личност. Обидете се да ја одберете љубовта. Ќе видите дека вашето тело се опушта секогаш кога ќе одберете љубов наместо страв. Дури и кога ќе се налутите, љубовта ќе ги надвладее сите ваши грижи. Решете го проблемот наместо да градите ѕидови околу вашите вистински чувства, бидејќи изолацијата само уште повеќе ќе ви го комплицира животот.

Кога ќе почнете да ги применувате овие неколку работи ќе научите што е тоа безусловна љубов. Вашето однесување влијае на сите луѓе во вашиот живот. Според тоа, кога ќе почнете да сакате безусловно, ќе ги научите и другите како да сакаат на истиот начин. И самите ќе се уверите дека безусловната љубов е најубавото и најголемото чувство што постои на светот!

Прегледи:
415
Објавено на:
06.01.2017