Категории

Петар Рупески го фати крстот во студените охридски езерски води

Најсреќен во четврток во водите на Охридското Езеро беше 27 годишниот Петар Рупески од охридската населба Варош, кој го фати крстот од неколкуте стотици верници кои влегоа во студените води на езерото.

Рупески крстот го фаќа по четврти пат.

„Во четири години трипати го фаќам крстот, заедно со мојата тајфа и од Варош ја продолжуваме традицијата. Минатата година беше една од најсреќните во мојот живот, посакувам на секој мој близок и на секој верник да му се случи таква среќа“, порача Рупески по излегувањето од вода.

На црковната манифестација годинава присуствуваа околу 10.000 луѓе, од пповеќе места во Македонија, но и од странство.

Прославувањето на Богојавление во Охрид продолжува на локалитетот Сараиште каде традиционално се спроведува масовно крштевање во водите на езерото.

Празнувањата по повод Богојавленскиот водосвет во Охрид традицонално продолжуваат и утре, со славењето на празникот Свети Јован Крстител или во градот уште познат како Денот на рибарите, вид потсетување на традицијата на капење на рибарите на денот кога се означувал крајот на мрестот на пастрмката и почетокот на сезоната на риболов. Во поново време на овој ден се одбележува почетокот на изловот на пастрмката за нејзино измолзување и вештачки мрест.

Извор: Макфакс

Прегледи:
346
Објавено на:
19.01.2017