Категории

ЦЕЛТА Е ОСТВАРЕНА: Македонија го скроти Исланд за осминафинале со Норвешка!

Во одлучувачкиот натпревар за третото место во групата Б, македонската ракометна репрезентација ремизираше со Исланд со 27-27 (13-15) и го освои третото место во групата. Така во осминафиналето во Албервил в сабота противник на нашата селекција ќе биде Норвешка.

Македонија почна со систем седум на шест и во првите напади Колев собра две интервенции. И нападот одлично отвори и Манасков и капитенот Лазаров реализираа за 2-0 во 3. минута. Кога Дрогрипки погоди за 3-0 веќе беше вклучен алармот меѓу Исланѓаните.

„Рибарите“ првиот гол од игра го постигнаа во 7. минута, кога Сигурдсон погоди на празен гол, а потоа по грешката на Дрогришки, истиот ракометар реализира за 4-3. Чудниот судиски критериум му даде можност на Густафсон кој погоди на празен гол за 4-4. Исланѓаните го комплетираат пресвртот со гол за прво нивно водство по голот на Кристијансен (4-5).

Гудмунсон со гол од транзиција за првпат донесе предност на нашиот противник во 14. минута (6-8). Кога Карасон погоди од чекор, Червар побара тајм-аут при +3 за нашиот ривал. Следеше нашиот одговор со головите на Георгиевски и капитенот Лазаров од полуконтра за -1 во 18. минута. Кире Лазаров од 10 метри погоди дијагонала за израмнување во 22. минута (11-11).

Сепак, нашите лесни грешки му дадоа можност на Магнусон да даде два гола за 11-13 на пет минути до одморот. Со голот на Карасон за кого немавме решение, на одмор заминавме сп 13-15 и многу дилеми.

Почетокот на вториот дел донесе две технички грешки во комуникацијата на нашите бекови со кружниот напаѓач и Исланд првпат во мечот побегна на +4. Веќе стана загрижувачки кога Карасон го постигна шестиот гол за 15-20 во 37. минута.

Голем пех за нашиот тим беше повредата на Филип Миркуловски, кој во 41. минута мораше да ја напушти играта. По уште една техничка грешка, Елисон погоди на празен гол за високи 18-23. Следеше наша реакција, но по очигледна судиска грешка капитенот Лазаров заработи исклучување во 47. минута. Сепак на крилата на гледачите, Македонија преку Манасков намали на -2, дури и Георгиевски имаше зицер за -1, но Густафсон одбрани. Сепак продолживме да веруваме, иако на малерите им нема крај, бидејќи и Манасков се повреди, кога погоди контранапад за 24-25.

Георгиевски од крилна позиција израмни на 25-25 на четири минути до крајот и следеше вистинска драма. Капитенот Лазаров го комплетираше пресвртот со гол за 26-25 во 57. минута, но брзо вради Елисон за израмнување. Брзо погоди Талески, па возврати Карасонни со 27-27 се влезе во последната минута. Колев го одбрани последниот напад и со реми како победа го освоивме третото место во групата (27-27).

Најефикасни во нашата репрезентација беа Лазаров со 7 и Георгиевски со 6 гола, а Карасон ни даде 6 гола и беше најпозитивен меѓу Исланѓаните.

Извор:  http://www.gol.mk/

Прегледи:
606
Објавено на:
19.01.2017