Празников е установен во единаесеттиот век, иако тројцата светители (Василиј Велики, Григориј Богослов и Јован Златоуст) на кои денес Црквата се сеќава живееја во четвртиот век. Со тек на времето, нивната светост почна да се мери со човечки мерила, па така овие светители наместо причина за соединување во љубовта станаа предмет на меѓусебни разделби. Христијаните се делеа, мерејќи кој од нив е посвет од другите. За да го запре безумието Црквата го установи нивното заедничко и рамночесно празнување на овој ден, иако секој од нив има и свој посебен празник.
Овие три светители се сметаат за заштитници на луѓето и животните од мраз, ладни и зли ветрови. Според тоа какви ветрови ќе дуваат овој ден, може да се прогнозира какво ќе биде времето оваа година. Затоа денеска ветер не смее да дува, бидејќи доколку не биде ведро и убаво, мирно време, ни годината пред нас нема да биде топла и убава.
Ако биде сончево и без ветер, пред нас е вистинско топло лето и мирна година.