Категории

„Прости ми, да ти простам“ – Утре е Прочка, верувања и обичаи кои мора да ги направите

„Прости ми, да ти простам“ со овие зборови утре верниците, на големиот празник, ќе забораваат на кавгите, на проблемите, на недоразбирањето и со чиста совест и душа ќе ги започнат велигденските пости.

Прочка или Велики поклади, е ден во православното христијанство на меѓусебно простување помеѓу верниците пред почетокот на Велигденскиот пост. Датата на Прочка се менува во зависност од датата на Велигден, и секогаш е точно на  седум недели пред Велигден.

За овој наш христијански празник Прочка семејството би требало да го поминат во пријатна и топла атмосфера во богата трпеза. Помладите членови од семејството треба да побараат прочка од постарите членови со зборовите „прости ми“, а постариот член  одговара „простено да ти е од мене и од Бога“.

Обичаи – амкање и простување

На овој ден се изведуваат  богати обичаи како што се проштевањето, оттука и празникот го добил името, потоа амкањето, обредните огнови, богатата трпеза, гатањето за живот и среќа, обичаите за очистувањето од болви, вошки и други штетници. Обичаите се стари и македонски, кои се пренесеуваат од колено на колено меѓу генерациите.

Мора да се напомене, дека од верски аспект, само простувањето како обичај има христијанска основа, додека други се остатоци од претхристијанските пролетни празнувања.

Неделата пред Прочка се нарекува бела или сирна недела, кога не се јаде месо, туку се јадат млечни продукти или сукани пити. Прочка во семејството се одбележува со богат ручек кој завршува со амкање јајца.

Варено јајце се врзува на конец над трпезата и се завртува над главите на децата. Детето што ќе успее го гризне јајцето се прогласува за најсреќно во следната година и добива награда.

Еден од главните елементи на Прочка е маскирањето и преоблекувањето. Според обичајот, за Велики поклади порано се маскирале само мажите, а маските требало да бидат што пострашни и посмешни.

Затоа утре заборавте на сите недоразбирања и побарајте прошка од оној на кој сте му згрешиле.

Прегледи:
745
Објавено на:
25.02.2017