Категории

Скандалозна Оскаровска церемонија: Месечева светлина најдобар филм, Ла Ла Ленд освои шест Оскари

Мјузиклот „Ла Ла Ленд“ освои шест Оскари на 89-та церемонија на доделувањето на наградите на Американската академија за филмска уметност и наука: за режија, фотографија, главна женска улога, музика, песна и сценографија. За најдобар филм е прогласен „Месечева светлина“ на Бери Џенкинс.

Речиси совршеното доделување на најпрестижните филмски награди ќе се памети по скандалот кога беше доделувана наградата за најдобар филм: Феј Данавеј која заедно со Ворен Бити ја доделуваше наградата погрешно прочита дека добитник е „Ла Ла Ленд“.

Екипата на овој филм излезе на сцената започна да ги држи своите говори кога продуцентот Џордан Хоровиц ги прекина и ги извести дека има грешка во доделувањето и дека најдобар филм е „Месечева светлина“.

Ворен Бити потоа дополни дека ја добил ковертата со името на Ема Стоун и филмот „Ла Ла Ленд“. Причина за скандалот е најверојатно таа што за секоj победник постојат по две коверти, а на Феј Данавај и Ворен Бити им била дадена онаа за најдобра женска главна улога, а не за најдобар филм.

Режисерот на „Месечевата светлина“, Бери Џенкинс, и екипата од овој филм најпрвин со неверување го испратија доделувањето, а потоа Џенкинс рече: „Ова не се случи дури ни во моите сништа. По ѓаволите со сништата!“.

https://www.youtube.com/watch?v=Lg8v1W7X7oM

Филмот „Месечева светлина“ освои три Оскари: за најдобар филм, за споредна машка улога (Махершала Али) и за адаптирано сценарио.

По две награди освоија филмовите „Манчестер на море“ (главна машка улога и оригинално сценарио) и „Рт на спасот“ (монтажа и звук).

Оскарот за режија му припадна на Демијен Шазел (32) со што стана најмладиот режисер во историјата кој ја освои престижната статуетка.

Актерските награди им припаднаа на Кејси Афлек (Манчестер на море) и Ема Стоун (Ла Ла Ленд) за најдобра машка односно женска улога, а Махершали Али (Месечева светлина) и Вајоли Дејвис (Огради) го освоија наградите за најдобра споредна машка односно женска улога.

Наградата за најдобар странски филм ја освои иранскиот „Трговецот“ на режисерот Асгара Фархади. Овој режисер е најпозната жртва на забраната за влез во САД на државјани од шест муслимански земји, на претседателот Трамп.

Домаќин на 89-то доделување на филмските награди Оскар беше Џими Кимел

Извор: Макфакс

Прегледи:
510
Објавено на:
27.02.2017