Категории

Барса разиграна против Селта, Реал сигурен кај Еибар

Фудбалерите на Барселона го задржаа водството во шпанскиот шампионат откако на својот „Камп Ноу“ ја совладаа Селта со 5-0, додека најголемиот ривал кој има и меч помалку Реал Мадрид беше сигурен на гостувањето кај Еибар и славеше со 4-1.

Играч на натпреварот во кој Барселона можеби пропушти и поубедлива победа во „загревањето“ за реваншот во Лигата на шампионите со Париз Сен Жермен, беше Лионел Меси со два погодока и две асистенции.

Меси погоди во 24 и 64 минута, а по неговото додавање во 40 минута Нејмар чудесно го префрли противничкиот голман. Стрелци беа уште Иван Ракитиќ во 57 и Самуел Умтити во 61 минута.

Претходно во саботата Реал Мадрид иако настапи без повредениот Кристијано Роналдо и суспендираните Герет Бејл и Алваро Мората, рутински стаса до бодовите. Гостите целата работа ја завршија во првите 30 минути од мечот, кога погодија за 3-0, а потоа додадоа уште еден гол, а Еибар во финишот го ублажи поразот.

Стрелци за Реал беа Карим Бензема во 14 и 25, Хамес Родригез во 29 и Марко Асенсио во 60 минута, додека за Еибар прецизен беше Рубен Пења во 72 минута.

Виљареал со 2-0 го победи Еспањол со головите на Роберто Соирин во 45 и автоголот на Диего Лопез во 80 минута.

Барселона повторно е на врвот од табелата со 60 бодови, пред Реал Мадрид кој има 59 но и меч помалку, додека Севиља е на третата позиција со 55 бодови. Севиља во понеделник ќе гостува кај Алавес.

Извор : Макфакс

Прегледи:
417
Објавено на:
05.03.2017