Македонската евровизиска делегација деновиве замина на промотивна турнеја, во чии рамки беше опфатена и традиционалната евровизиска забава во Лондон. Токму во британската престолнина нашата претставничка Јана Бурческа премиерно ја отпеа „Dance Alone“, а гостувањето го искористи и да поразговара со новинарите од бројни евровизиски портали.
После Лондон, Јана и екипата отпатуваа за Израел, каде што вчера настапи и на тамошната евровизиска забава „Израел колинг“ во Тел Авив, а следната и последна дестинација од промотивната турнеја е Амстердам.
Подготовките за претстојниот фестивал се речиси завршени. Како по обичај, сценскиот настап се држи во тајност сè до главниот настан, па како ќе изгледа „Dance Alone“ на сцената во Киев ќе дознаеме на 11 мај. Делегациите на сите земји учеснички ќе пристигнат во украинската престолнина на 1 мај, кога ќе започнат и првите проби за трите фестивалски вечери.
Јана ќе се натпреварува во втората полуфинална вечер под реден број 4.