Скопјанката Ивана Чолаковска и нејзиниот сопруг Мануел Торес по четири години поминати на мотор и извозени 147 илјади километри, решија и летово повторно да возат. Овој пат низ Европа.
„Дојдовме во Македонија на неколку дена и еве сега ќе отидеме на три дена во Грција. Но, летово секако дека е резервирано за патување. Мислам дека веќе нема застанување. Во план е летово да возиме низ Европа, а потоа пак ќе одиме некаде“, ни откри Ивана. Таа и Ману пролетта, со доаѓањето во Скопје на градскиот Плоштад го завршија четиригодишното патување низ светот. Со нивниот мотор Јамаха тенере 660 тие поминаа 55 земји, 6 различни континенти и извоза 147 илјади километри.
Патувањето го финансирале сами, од продажба и презентации на фотографиите кои ги правеле додека биле на патувањето затоа што Ману, кој е од Шпанија, се занимава со фотографирање. За време на ова петување, вели Ивана, запознала многу луѓе и различни култури. Иако било напорно и тешко, на моменти и неиздржливо, сепак, таа и Ману успеаја да го остварат својот сон.
„Многупати размислував да ставам крај на патувањето. Неколкупати ги пакував торбите и пасошот спремна да се качам во авион и да се вратам дома. Скршеницата на ногата и операцијата во тоа изолирано место во Патагонија во Чиле беше еден момент за кој многу луѓе разбраа за нас, но вакво патување е преполно со тешки ситуации за кои не секојпат раскажуваме“, вели Ивана.
„Денеска имаме поминато 55 земји насекаде околу светот, некои од нив ни приредија тешки моменти кои ќе ги паметиме засекогаш. На Памир Планина -20ºC, во Патагонија 130 км/ч ветер, топло и дехидрираност во пустината Атакама, патување од еден месец во Боливија, дивиот свет што нè заобиколува во Африка моментално. Сите овие околности му создаваат потешкотии на патувањето, и колку беше подолго патувањето толку бевме поуморни и носталгични за враќање дома. Но, што е патување без тешкотии?“, вели Ивана. На 1 април Ивана и Ману беа пречекани не само од членовите на мото-клубовите од земјава кои организираа дочек на двајцата авантуристи туку и од многу граѓани кои дојдоа на плоштадот.
А.Георгиев
Извор: Макфакс