Категории

Неколку видови интелегенција: Која е вашата „силна“ страна?

Професорот по психологија на „Харвард“ во 1983 година направи вистинска револуција со книгата „Рамка на мислењето“ каде што првпат ја спомена теоријата за повеќекратна интелигенција. Според неа, луѓето не поседуваат ист ум, ниту иста сила и слабости, туку на различен начин ги обработуваат информациите. Некој притоа користи зборови, некој бројки, некој телото – заедничко им е дека сите тие начини се релативно независни еден од друг.

Теоријата на Гарднер ѝ го стави прстот во окото на стандардната теорија, каде што се потенцира врската меѓу различните способности, како и на тестовите за интелигенција кои наеднаш ги мерат логичките, просторните и лингвистичките способности.

А нив ги има многу повеќе, тврди Гарднер, кој идентификувал седум димензии на интелигенцијата: лингвистичка, логичко-математичка, музичка, просторна, телесно-кинетичка, интерперсонална и интраперсонална.

Лингвистичка или јазична – Новинарите, адвокатите, професорите, љубителите на пишаниот збор и на дебати поседуваат лингвистичка интелигенција. Тие сакаат да си играат со зборови, имаат добро помнење, убаво пишуваат и зборуваат и склони се кон детални објаснувања.

Логичко-математичка – Некој ужива во природа, некој во филмови, но на „сопствениците“ на ваква интелигенција омилена забава им се ребусите, гатанките, анаграмите. Тие брилираат во вакви области како и во сè што содржи бројки, апстрактни идеи, обрасци и шеми. Меѓу нив се математичарите, инженерите, програмерите, економистите, сметководителите…

Просторна – Ако некогаш сте се изгубиле во некој непознат град и не можете да се снајдете ниту со помош на мапа, најверојатно овој вид интелигенција не е ваша „силна“ страна. Затоа патувајте со лица што се добри во визуализација на простор, затоа што тие добро умеат да ги читаат мапите. Просторната интелигенција е развиена најмногу кај архитектите, но и кај луѓето кои уживаат при составување сложувалки, кои цртаат и сликаат. Рака под рака со просторната интелигенција оди и бујната фантазија.

Музичка – Пријателите бегаат кога ќе почнете да пеете, а не сте се квалификувале ниту во училишниот хор? Тогаш, за жал, ви недостига музичка интелигенција која не ја поседуваат само композиторите и музичарите, туку и сите што лесно ги препознаваат тоновите, ритамот и другите музички обрасци.

Телесно-кинетичка – Луѓето со „леви раце и нозе“ не можат да се пофалат со телесно-кинетичка интелигенција. Но затоа пак танчарите, атлетичарите, актерите, манекените, спортистите и сите што се движат хармонично, добро се чувствуваат во своето тело и го користат за да се изразат. Во оваа група спаѓаат и хирурзите и занаетчиите кои се вешти со рацете и имаат добра физичка кондиција.

Меѓучовечка или социјална – Психолозите, дипломатите, политичарите, филозофите главно имаат развиена интерперсонална интелигенција која подразбира „читање“ на другите лица, нивните намери, желби, мотиви… Одлични се во воспоставувањето добри односи со другите луѓе, но и при решавањето конфликти. Имаат развиена емпатија, вербални и невербални способности и широчина ситуацијата да ја набљудуваат од повеќе агли.

Интраперсонална или аналитичка – Присутна е кај интровертните луѓе кои се склони на интроспекција и самоанализа, но и на анализирање на другите и околината. Овие лица, меѓу кои најчесто се филозофи и писатели, се во дослух самите со себе и често им треба самотија за да си ги средат своите мисли.

Во поновите трудови Гарднер разгледува уште две димензии на интелигенцијата: натуралистичка (природна) и егзистенцијална. Првата е дочекана со голем отпор, а е развиена кај поединци кои се во хармонија со природата. Најчесто станува збор за еколози, биолози, земјоделци, градинари и сите што се заинтересирани за зачувување на животната средина и се свесни дека сè во природата влијае едно врз друго. Егзистенцијална интелигенција поседуваат лицата што добро се снаоѓаат во животот, ја сфаќаат важноста на одреден момент и паметно ги користат своите шанси.

факултети.мк

Прегледи:
591
Објавено на:
13.08.2017