Веројатно инспирирани од љубовта, но многу повеќе од заблудите околу неа, во нивниот препознатлив и уникатен стил ја нарекоа безвременско прашање, па по нејзин повод веќе добро познатите млади психолози Дора Попова Узуновски и Бојана Стојменовиќ одлучија да организираат дводневна работилница на тема: “Вљуби се свесно“ која ќе се одржи третиот викенд од овој месец, на 21.10 и 22.10, па во продолжение дознајте што велат тие за љубовта, како и за самиот настан.
Формата на љубовта низ вековите се менувала и сеуште се менува, но нејзината суштина е секогаш една и единствена, без разлика на начинот на кој еден човек ја изразува. Иако за неа се зборува толку многу, сепак се чини дека се знае малку, бидејќи луѓето непрестајно правеле несвесно суштински грешки во нејзиното пренесување од колено на колено, и кои сеуште несвесно ги прават. Обично љубовта се сфаќа како “здраво за готово“ и како нешто што се подразбира, па нема потреба да се учи. На тој начин луѓето си направиле многу погрешни ставови и концепти за неа според кои живеат, па поради тоа честопати страдаат. Еден таков пример е ставот за пожртвуваноста. Да земеме една жена која никогаш на прво место не ги става своите потреби,туку постојано на пиедесталот се наоѓа “доброто“ на нејзиниот сопруг и на децата. Таа жена несвесно живее со ставот дека ништо друго не е важно освен децата и сопругот. Со текот на времето истата оваа жена може ја видите физички запуштена, со испиено лице и црти кои не навестуваат ниту грам среќа во нејзиниот живот. Оваа жена не научила една многу важна лекција, а тоа е дека од празен чајник не може да се наполни шолја со чај.
Всушност таа не наоѓа ниту еден извор на полнење за самата себе, а за човек да даде нешто мора прво да го има, односно да биде полн со тоа што го дава. Оваа жена не наоѓа задоволство во тоа што го прави, таа чувствува само дека мора да го направи, а доколку не го направи ќе чувствува грижа на совест и вина. Нејзината пожртвуваност во овој случај не е љубов, туку само секојдневна механичка обврска која треба да биде извршена, а нејзината крајна форма е мазохизам. Со други зборови, за човек да сака, мора да научи да се сака себеси. Но проблемот со овој став, пак оди во другата крајност на себичност и егоизам, како што денес најчесто се сфаќа, па луѓето постојано прават пресметки колку некому дале, колку добиле од него и колку се рамномерни еден со друг.
Овие концепти се само два примери за тоа што не е љубов, а што некои луѓе мислат дека е. Тие само се однесуваат како што се однесуваат бидејќи “така треба“. Но прашањето е каде и кога ги примиле овие пораки? Што е позадината на нивните доживувања, сфаќања и однесувања? Секоја примена порака на суптилен или директен начин е енергија која се впива во човечкиот ум и потоа се претвора во автоматизирано несвесно однесување.
Затоа, поттикнати од овие и слични прашања кои сеуште се загатка за многу луѓе, одлучивме да ја направиме оваа интересна работилница преку која би сакале да го поттикнеме зголемувањето на свесноста за што претставува љубовта, а што НЕ е љубовта. Сигурни сме дека понатаму ќе отвориме уште поинтересни прашања во врска со оваа тема кај самите учесници бидејќи имаме подготвено интересна агенда и ветуваме дека ќе бидат исполнети нивните очекувања.
За повеќе информации, како и за текот на пријавувањето на работилницата, повелете на следниот линк:
Работилница на тема: Вљуби се свесно!