Кога мислиш дека го слушаш гласот на разумот, веројатно престанало да чука срцето и рацете почнале да цртаат со боите на каменот зафрлан некаде во боровата шума.
Оддалеку се слуша шумот на непознатите чекори во сенката и лаежот на кучињата во најблиското село.
Чекорам покрај реката дива нескротлива доволно гласна, погласна и од мислите кои непрестајно се редат една по една во мојата глава. Се редат, а јас колку и да се трудам, никако не можам да ги составам и да ги обединам и да направам комплетен мозаик од нив.
Дишам се подлабоко и подлабоко, моето тело живее на оваа недопрена дивина, а умот се бори со минатото, дивее низ целата шума и ми ги реди пред очите сите настани, солзи, болки, како што дрвосечачот трудољубиво ги сече дрвата на безброј трупови.
Ја кревам главата погледувам нагоре кон небото. Погледот ми е попречен од гранките кои се издигнале високо кон небото, но сепак меѓу целата таа мрежа одвреме-навреме срамежливо се пробиваат зраците на сонцето.
И тогаш знам почнувам да разбирам дека сум на вистинскиот пат дека сепак светлината секогаш е победник во човековата душа