Деновиве читам вести за Законот за јазици, промената на името, и секако – загадениот воздух. Се караат луѓе во коментари демек овој чинел, оној не чинел. Седам и се чудам. Дали Македонија некогаш ќе мрдне од мртва точка?
Колку ли години поминаа во протести, конфликти и навреди едни кон други. Јас бев таму, на оние протести за кои сметав дека се праведни и кои лично сметав дека треба да ги поддржам. И тогаш сфатив дека сè е залудно.
Го спакував куферот и заминав. Иако имав добро платена работа во Македонија, за која сама се изборив, не можев повеќе да се борам со сè друго. Не можев да поднесам да бидам дел од стадото, ниту да ги гледам другите како се слепи следбеници на нечии идеали и робови за туѓа корист. Ми велеа дека ќе се вратам, дека не е сè така розово во странство, дека платите се поголеми, но и цените повисоки. Една година подоцна сфаќам дека ја донесов правилната одлука.
Сега живеам во земја во која сум добро платена за својата работа. Во земја во која никој не ме праша од која партија сум. Во земја во која се ценат моите способности, а не моето потекло. Каде што доколку работам прекувремено, добро сум платена за тоа. Каде што доколку се разболам, знам дека кога ќе одам во болница, ќе добијам соодветен третман и знам дека нема да размислувам како ќе платам за лекарствата бидејќи ќе ми бидат дадени бесплатно. Каде што купувам 2,5 литри млеко за сума еквивалентна на 70 денари, половина килограм кашкавал за 200 денари и 2 литра масло за 60 денари. Каде што воздухот што го дишам е чист, а водата што ја пијам е технолошки исправна. Каде што го знам потеклото на храната што ја јадам. Каде што сум почитувана заради себе како личност. Каде што ми се заштитени правата од секој аспект. Каде што кога ќе си одам дома, го користам времето како што јас сакам. Каде што спијам мирно знаејќи дека имам сигурна работа и дека доколку некако останам без неа, државата е тука за да ми помогне иако јас сум само странец. Каде што моите колеги не ме третираат како странец. Каде што греам цел стан на струја, а плаќам сума еквивалентна на 3.500 денари месечно. Каде што плаќам кирија, сметки, превоз, излегувам, не се штедам кога пазарувам во маркет и на крајот од месецот ми остануваат пари како заштеда. Каде што не размислувам што ќе се случи со мене утре.
Овие причини се повеќе од доволни за никогаш да не посакам да се вратам да живеам во Македонија.
Јас ќе продолжам да им кажувам на своите пријатели и колеги дека Македонија е убава земја, ќе им кажувам дека треба да ја посетат ако имаат можност и ќе им кажувам колку се таму луѓето убави, но и напатени. Но никогаш нема да бидам горда на своето потекло. Никогаш нема да се чукам в гради, ниту пак ќе влегувам во конфликти чиј бил Александар Македонски. Сето тоа е затоа што Македонија не ми даде ни една причина за да останам.
Беше тешко на почетокот, тоа не го оспорувам, но јас отидов во странство со веќе совладан јазик и долга листа со способности. А тука, ако си добар, одиш напред. Ако не си, сепак ќе имаш работа за која ќе бидеш добро платен.
Јас не би растела свои деца во Македонија од проста причина што не би сакала моите деца да растат во беда како што растев јас. Не би сакала моите деца да бидат партиски пиони, ниту пак јас да морам да размислувам дали можам да им овозможам нормален живот. На крајот на денот, што ќе ми е мене името Македонија ако немам пари за основна егзистенција? Што ќе ми е јазикот ако извршители ми чукаат на врата? И што ќе ми е убавината кога години се задушував во загаден воздух?
Авторот на колумната сака да остане анонимен
Извор : Факултети.мк