Категории

Ретроспективната љубомора – најсигурен уништувач на секоја врска

Занес на почетокот на новата љубов, километарски пораки, срциња на вибер, нежности за појадок, ручек, вечера… Сето тоа не прави да се чувствуваме сфатени, пронајдени. 

Со текот на време на ред доаѓа и разговорот околу потребите и желбите во сексот. Откриваме едни на други што сакаме, но откриваме и информации за претходните романтични и сексуални односи. Во тие моменти некои од нас доживуваат непријатно чувство наречено ретроспективна љубомора.

Ретроспективната љубомора е релативно честа, но за неа не се зборува многу. Многумина од нас се срамат да признаат дека ја почувствувале, а други едноставно не ја разбираат или пак не ја препознаваат.

Кај ретроспективната љубомора се работи за чувство на љубомора поврзано со романтичното или сексуално минато на партнерот, а во некои ситуации тоа води и до опсесивни и автодеструктивни мисли.

Во голем број од случаите се јавува на почетокот на односот, откако ќе се создаде емоционална поврзаност со партнерот. Се јавува кога ќе се создадат подлабоки чувства и кога ќе се поврземе еден со друг, односно кога имаме чувство дека партнерот нам ни припаѓа.

Како започнува ретроспективната љубомора?

Ретроспективната љубомора често почнува така што едниот партнер го испрашува другиот во врска со неговите сексуални активности во претходните врски. Тоа испрашување може да личи на анкета „Со колку мажи си спиела пред мене?“, „Што му дозволуваше да ти прави?“, „Што му правеше ти нему?“, „На кои места сте имале секс?“

Со тек на времето опсесијата се зголемува се додека партнерот не одлучи да побара помош, да го прекине односот или другиот партнер му постави граници до каде може да оди или пак го прекине односот.

Обично е присутен страв дека партнерот кој обвинува и испрашува не е доволно добар. Тој страв предизвикува да мисли дека неговиот партнер потајно сака да биде со поранешниот партнер кого го смета за попривлечен, попаметен, поспособен, поубав, подобар љубовник и слично.

Доколку сакате да останете со партнерот и односот кој веќе го имате изградено сметате дека е вреден за да се потрудите околу него, тогаш мора активно да се посветите кон надминувањето на ретроспективната љубомора.

Затоа, не заборавајте, нашето сексуално и романтично минато не обликувало за да бидеме тоа што сме денес, а поранешните партнери не се без причина поранешни. Здравата љубомора е одраз на приврзаност и љубов, но ретроспективната љубомора е патолошка и деструктивна. Таа нема да се реши сама од себе, затоа е многу важно да работите на неа секојдневно заедно со својот партнер.