Кога зборуваме за хуманитарна организација која делува на територијата на целата наша земја, веднаш помислуваме на Црвен Крст. Организација составена од луѓе кои со години покажуваат дека хуманоста е најблагородната мисија на секој човек.
Како продолжение на хуманитарната дејност на Црвен Крст, на 16-ти мај се отвора уште една среќна приказна наречена „Копче“. Што претставува „Копче“ и какви позитивни промени ќе донесе на колективната свест на општеството зборуваме со Марина Матеска, претставник од Црвен Крст на град Скопје.
Да се биде дел од хуманитарна организација каква што е Црвен Крст е мисија која подразбира поттикнување на создавање универзално чувство за солидарност и хуманост, давање помош онаму каде што е најпотребно, но истовремено и соочување со најразлични тажни човекови судбини предизвикани од одреден фактор. Што е она што те поттикна да бидеш дел од оваа организација и како изгледаа твоите почетоци во Црвен Крст?
Желбата да помагам и да ја видам позитивната промена кај луѓето кога лошото ќе помине е она што отсекогаш ме водело во животот. Среќна сум што во Црвениот крст секојдневно тоа е моја работа на еден или на друг начин уште од првиот ден. Пред скоро 13 години започнав да работам како Координатор на млади, каде заедно со прекрасна група на млади луѓе, волонтери верувавме дека можеме да го менуваме светот околу нас и работевме најразлични креативни активности за помош во заедницата. Денес, нема голема разлика во вербата за промени, единствено, работам на поголеми програми и проекти кои секојдневно помагаат на многу поголем број на луѓе и имаат поголемо влијание во нивното секојдневие, а понекогаш тоа значи и целосна промена на нивниот живот. Секако успехот најмногу зависи пред се од нив самите, а потоа и од системот во кој живееме, а ние сме тука само да им го олесниме патот.
Социјалното претприемништво како појава од исклучителна важност во секојдневието се повеќе привлекува внимание. Но, со зголемувањето на популарноста на оваа тема, се намалува прецизноста во одредување на нејзините дејствија. Што поточно опфаќа социјалното претприемништво?
Социјалните претпријатија се бизниси кои прават баланс помеѓу профитот и остварување на позитивни промени во општеството. Тие остваруваат профит, а притоа се грижат за планетата земја, за вработените, за условите за работа. Покрај оваа широка рамка во 2012 година Wolfgang Grassi (aka W. Grassi) идентификувал 9 видови на социјални претпријатија. „Копче“ ги има карактеристиките кои припаѓаат на два тип на социјални претпријатија и тоа: Моделот на организациска поддршка, кој препознава социјални претпријатија што работат за да овозможат унапредување на проекти насочени за помош и поддршка на најзагрозените граѓани кои ги имплементира самата организација која го основала претпријатието. А вториот модел во кои се препознаваме е Моделот на вработување, кој подразбира вработување на ранливи групи и организирање на обуки за истите. Притоа „Копче“ е целосно еколошки проект бидејќи поттикнува максимално користење на облеката која ја имаат граѓаните и компаниите и нејзина реупотреба.
Периодов напорно работите на продавницата за облека која наскоро ќе биде отворена под името „Копче“. Што претставува овој проект, како ќе функционира и кого сè опфаќа?
„Копче“ е проект кој го разви Црвен крст на Република Македонија – Црвениот крст на град Скопје како резултат на долгогодишно работење во областа на донирањето на облека и дистрибуција на истата до најзагрозените. На годишно ниво Црвениот крст прима околу 20 тони донирана облека и помага на повеќе од 2000 лица во ризик на територија на град Скопје. Искуството и познавањето на потребите на луѓето на кои им помагаме од една страна и потенцијалот кои го имаме од другата страна овозможија да ја надополниме оваа прогама со нови содржини кои ќе овозможат повисоко ниво на функционирање што ќе значи задоволување на поголем број на потреби на граѓаните.
„Копче“ е проект создаден за да овозможи поефикасен систем на дистрибуција на облека до лицата во ризик, лесен пристап до облека со ниски цени за сите граѓани со цел да го зачува достоинството на оние кои имаат ниски пирмања, а не бараат помош, вработување на ранливи целни групи и придонес во зачувување на животната средина.
На кој начин продавницата „Копче“ ќе има позитивно влијание врз општеството и зошто „Копче“ е повеќе од бизнис?
Со продажбата на облека во „Копче“ ќе можеме да постигнеме самоодржливост и унапредување на проектот кој е насочен кон навремено обезбедување на навремена и најсоодветна облека за лицата во ризик. Дополнително ќе го олесниме пристапот до облека со ниски цени за лицата со ниски примања, а дополнително тие лица и сите останати со купувањето ќе придонесуваат ефикасно искористување на вишокот облека заради придонес во зачувување на животната средина. На сите лица кои доаѓаат кај нас да бараат облека, а се работоспособни ќе се стремиме да ги поддржуваме во поттикнување и создавање на работни навики со цел да се вработат и самите да можат да си ја купат облеката. Тоа подразбира придонес кон зајакнување на капацитетите на ранливи групи на население и креирање на работни места кои имаат за цел да овозможат работна интеграција на ранливи групи население. И секако помеѓу сите овие цели се испреплетуваат и солидарноста, хуманост и волонтеризам кои ќе ги промовираме како највисоки човечки вредности.
Среќата е симбиоза од повеќе убави чувства кои ни се случуваат истовремено. Што е она што предизвикува среќа кај Марина?
Кога ќе видам среќно и релаксирано лице кај луѓето кои успеале да се изборат со тешки животни ситуации сум многу среќна. Среќна сум и кога добивам вистинска искрена љубов и несебична поддршка од моето семејство и моите пријатели кога мене ми е потребно. Среќна сум кога шетам во природа и кога вежбам јога. И секако среќна сум што во нашиот град заедно создаваме една нова приказна наречена КОПЧЕ, која многу други ќе ги направи СРЕЌНИ.