Моќта на љубовта се чувствува во тоа што таа не мора да биде пренагласена за да биде забележана. Едноставно се шири околу вас како мирис од кој не можете да се ослободите. Навикнати сме дека низ оние два познати збора „те сакам“ е отсликано сето она кое што го чувствуваме, но сепак постојат мал милион начини да се покаже она кое што неуморно чека да излезе од нашата внатрешност.
Еве неколку фрази со кои би умееле да покажеме како е неизмерно да се сака.
Тука сум за тебе
Со овие зборови всушност му давате до знаење на вашиот партнер дека сте до него во добри и лоши времиња, дека може да се потпре на вас затоа што сте подготвени да слушате, да му подарите емоционална поддршка, да му дадете енергија за справување со животните предизвици тогаш кога неговата е на најниско ниво. Без разлика дали сакате да им изразите љубов на вашите пријатели, најблиски или на вашиот партнер, оваа фраза секогаш ќе им значи многу.
Кажи ми повеќе
Со оваа фраза одите убедливо подалеку од само слушање на нечии искуства од текот на изминатиот ден или опис на проблем или некој предизвик. Ова кажува дека ги слушате, заинтересирани сте за се што им се случува и подготвени сте да им помогнете и да им бидете поддршка.
Ми значиш
Ова е начин со кој на вашиот партнер ќе му докажете дека тој ви е приоритет и дека од големо значење за вас е она што тој го доживува или низ кое поминува, носејќи ги заедно последиците од сето тоа.
Како си – ама навистина?
Со ова прашање на некој начин му давате дозвола на другото лице да ви раскаже за се што навистина му се случува, да ја каже вистината за неговиот живот, наместо само да одговарате со веќе механички подготвениот збор „добро“.
Уживам со тебе
Оваа изјава несомнено ќе и даде магија на вашата врска. Со секоја споделена насмевка се крши претходно создадената напнатост или пак ова може да претставува зајакнување на љубовта после одлично помината вечер, долгоочекуван одмор или забава на која сте заедно. Со ова ќе му дадете до знаење дека ви носи радост тоа што тој е во вашиот живот.