Една од најважните лекции која треба да ja научиме во животот е да работиме сите заедно за општеството, бидејќи само така ќе направиме вистински промени. Нов концепт во градот има намера да ја закопча солидарноста, свеста за екологијата и социјалните проблеми, воедно да ангажира лица во ризик и да го намали отпадот.
Сите овие цели ги има „Копче“, проект кој го разви Црвен крст на Република Македонија – Црвениот крст на град Скопје како резултат на долгогодишно работење во областа на донирањето на облека и дистрибуција на истата до најзагрозените, повеќе за целта и работењето на Копче ни раскажа Марина Матевска, од Црвен Крст, за што може да прочитате тука.
„Копче“ е новата урбана приказна во градот која ги спојува хуманоста, достоинството и трудот. Копче е совршеното место за секој да најде нешто за себе, бидејќи нуди интересни и уникатни парчиња облека, за сите возрасти и тоа по цени за сечиј џеб.
Од „Копче“ го покренуваат прашањето за правилно донирање, односно се потенцира фактот дека неретко контејнерите за донирање облека се контенјер за отпадоци за некои луѓе, со што се уништуваат и добрите парчиња облека кои граѓаните ги донираат.
Доколку парчето облека повеќе не може да се носи, тогаш тоа припаѓа во отпад, а ги замолуваат граѓаните да донираат облека која е нослива, но повеќе не им одговара големината или едноставно не наоѓа место во нивниот гардеробер.
Со донирањето секое парче облека ќе си најде свој нов сопственик и ќе се зачува животната средина преку намалување на отпадот и намалување на масовното производство на облека. Истовремено, се помага и на социјално загрозените и со еден акт на купување или донирање правите повеќе за општеството.
Многу поединци и компании даваат свој придонес во „Копче“, Сава Осигурување и Consulting Inter Group поставија кутии од Копче, каде нивните вработени ќе можат секојдневно да донираат облека, а и многу поединци го посетија Копче и дадоа свој придонес.
Една од нив е и писателката Ксенија Николова која во Копче дојде со парчиња облека кои нејзе и значат, но смета дека е време тие да направат некој друг среќен како што ја направиле нејзе. Мотото на „Копче“ е „раскажи приказна, облечи си среќа“, со кое се повикуваат за парчето облека кое го донираат да раскажат приказна, со надеж дека нивниот следен сопсвеник ќе го следи среќа.
Ксенија подари неколку парчиња облека, секое со своја приказна „Многу ми беше драго што бев дел од приказната Копче. Копче е одлична можност за оние кои сакаат да донираат облека, чевли или играчки, а воедно и прекрасно допринесување на оние на кои тоа им е најпотребно.“ вели таа.
Мисијата на „Копче“ е да ја промени свеста кај граѓаните, сите да сфатат дека кул е да се носат парчиња облека кои имаат една поинаква вредност. Парчиња кои допринесуваат социјално загрозените граѓани да имаат работа, парчиња кои ќе го намалат отпадот, а зголеменото функционирање на продавниците за облека од втора рака, ќе го намалат масовното производство и негативните импликации што ги има на животната средина.
„Го охрабрувам овој начин на развивање на општеството, затоа што сум цврсто убедена дека истиот е витален во денешницата. Наша должност е да помагаме и со мали чекори да го менуваме светот на подобро.“ додава Ксенија.
Секој може да биде дел од „Копче“, со само еден ваш чекор на донирање, купување или волонтирање правите повеќе за општеството.